„Линијата помеѓу тоа да се биде корисен во тесна ситуација, од една страна, и да се користи таквата ситуација во своја полза, од друга, е многу тенка, затоа внимавајте! Артан Груби, но и Али Ахмети, секогаш кога се наоѓаат на раскрсница и не знаат кој пат да го изберат, односно како да се справат со моментната состојба во Владата, тие бараат помош од Еди Рама или кусо кажано – го употребуваат албанскиот премиер за да им помогне да излезат од кризата“, се вели, меѓу другото, во соопштението од Движењето Беса.
Од таму посочуваат дека „Артан Груби и Али Ахмети, не знаејќи како да се извлечат од оваа политичка ситуација создадена во Македонија, наводно иницирале средба со албанскиот премиер, уште еднаш користејќи го неговиот авторитет за да ги извлече од калта во која се потопени две децении“.
„Токму ова е причината што Движењето Беса и Билал Касами нема да седнат на маса со оние што не успеваат да ја водат државата на прав пат. И сега, наместо да излезат пред народот да се извинат и да распишат предвремени избори, тие повторно бараат помош од Еди Рама. Ние пред шест години присуствувавме на состанокот со Еди Рама, каде што ветивме дека ќе спроведеме некои точки од интерес за Албанците во Македонија, но овој договор никогаш не ја виде светлината на денот. Затоа што вака одлучија Артан Груби и Али Ахмети. Неколкупати баравме заедничка средба на политичките лидери, но тоа не се случи. Побаравме и објаснување за неисполнувањето на овие точки што ги ветивме, што исто така не беше разјаснето. Сега се поставува прашањето зошто е потребно повторно да седнеме со овие луѓе кога знаеме дека состанокот завршува без исполнување на договореното“, стои во соопштението.
„Многу бргу планираме средба со господинот Рама, но како сериозна партија, како партија што координира, а не како ДУИ, која средбата со албанскиот премиер ја користи за спас и лични интереси“, наведуваат од Беса.
Comments are closed for this post.