Основниот суд Скопје 1 соопшти дека барањата доставени до судот за амнестија на обвинетите за насилствата во македонското Собрание од 27 април лани, се испратени на мислење кај надлежното обвинителство.
По добиеното мислење судот во законски утврдениот рок ќе донесе одлуки кои ќе бидат доставени до странките, а јавноста ќе биде благовремено информирана, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.
До крајниот рок беа доставени 64 барања за амнестија. Во настаните од 27 април се инволвирани околу 70 лица, а вкупно 33 се обвинети во судскиот процес од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Законот за амнестија беше изгласан на 18 овој месец во македонското Собрание со 95 гласа „за“. Согласно законот, амнестијата не ги опфаќа организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања. Од амнестија ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно член 324 од Кривичниот законик
Comments are closed for this post.