Поради неплатен годишен надомест за дозвола за телевизиско емитување во законски утврдениот рок, 30 дена од денот на приемот на фактурата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ѝ ја одзеде дозволата за телевизиско емитување на сателитската телевизија, „Канал 5+“, објавено е во најновиот број на „Службен весник“.
Телевизијата требала, но не платила 2.489.669 денари или приближно 40 илјади евра за годишен надомест за дозволата за телевизиско емитување, за периодот од 05.01.2019 година заклучно со 04.01.2020 година. Во Агенцијата било заведено дека фактурата била уредно примена на 10.01.2019 година.
Советот на АВМУ почнал постапка за одземање на дозволата. Телевизијата и по сите предупредувања, не го платила долгот, па била донесена одлука да ѝ се одземе дозволата. „Канал 5+“ има право да поднесе тужба до надлежен суд во рок од 30 дена од денот на нејзиниот прием.
Дозволата за телевизиско емитување, „Канал5+“ ја има од 05.01.2015 година, за емитување преку сателит, на државно ниво, за телевизиски програмски сервис со претежно забавен општ формат, на македонски јазик. Лани АВМУ ѝ ја одзеде дозволата за емитување и на телевизијата „Сител 3“.
Comments are closed for this post.