Апелацискиот суд во Скопје како неоснована ја одби жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Тенк“ и во целост ја потврди првостепената пресуда за затворска казна од две години.

Судот делумно ја прифати жалбата на обвинетиот поранешен помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски и го преиначи делот на одлуката за казната.

Казната на осудениот  Поповски му е намалена од 6,5 на 4, 5 години.

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-23/18, познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот Ѓ.П. од С. делумно ја уважи на начин што ја преиначи во делот на одлуката за казната и го осуди на  казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди, соопшти Апелациониот суд во Скопје.

Кривичниот суд Скопје на 23 мај година за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, го осуди првообвинетиот Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, а второобвинетиот Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото на две години затвор.

Двајцата потоа поднесоа жалби на првостепената пресуда до Апелацискиот суд Скопје.

Екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.