Европратеникот од редовите на владејачката партија ГЕРБ, Андреј Ковачев, непосредно пред мајските избори за новиот состав на евро-парламентот, на својот ФБ профил се закани дека ќе предложи измени во бугарското законодавство за да се спречи, како што вели, антибугарскиот говор и активности, што тој ги гледа кај македонските претставници на политичката и економска елита.
Со измените тој предвидува две работи. Прво, оние кои добиле бугарско државјанство, но користат говор на омраза или вршат активности против Бугарија, да бидат јавно објавени како иматели на бугарско државјанство. И второ, многу поригорозно, ако нивните активности продолжат, бугарското државјанство да им биде одземено.
Тие луѓе треба да изберат или да се Бугари или да продолжат да живеат со југословенските и античките, антибугарски митови и легенди, пишува Ковачев.
Во својот пост Ковачев изразува задоволство од тоа што последниве години стотици илјади луѓе добиле бугарско државјанство, а меѓу нив особено многубројни „собраќа од Македонија, кои наспроти 70-годишниот југословенски терор и „перењето“ мозоци со секакви безумни антички и асномски митови и легенди, постепено се враќаат на своите бугарски корени“.
Тој изразува жалење што во таа група има и опортунисти, кои добиваат бугарски пасоши заради економска корист и слободата на патување и работа во ЕУ. Според него, полошо е што дел од нив „не само што не се чувствуваат Бугари, туку се и меѓу јавните говорници и манифестирачи на омраза против Бугарија и бугарскиот народ“, а такви имало меѓу македонската политичка и економска елита.
Ковачев забележува дека е парадоксално, на пример, што само во сегашниот македонски парламент „има над десет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со бугарско државјанство кои, заедно со нивните семејства, се самоидентификувале како Бугари по потекло“. Истите тие пратеници, додава тој, минатата година гласале против договорот за пријателство со Бугарија и некои продолжуваат да се експоненти на антибугарски тези“, а барем неколкумина се и пратеници од СДСМ.
Бугари, брачни другари или деца на Бугари, браќа или сестри на Бугари има насекаде. Актуелни и бивши министри, кандидати за претседатели, бивши директори на Државниот архив, градоначалници, шефови на банки, бизнисмени, новинари, шефови на телевизии, на весници и сајтови, дипломати, советници, општински советници, директори на служби… Нема ништо лошо во тоа што толку многу луѓе се осознаваат и се враќаат на бугарските корени. Сигурен сум дека во иднина ќе бидат многу повеќе. Меѓутоа, тоа што треба да престане е антибугарскиот говор и активности, особено од оние кои се со бугарски пасоши, пишува Ковачев.
Comments are closed for this post.