Комисијата за одбрана и безбедност денеска треба да одржи продолжение на седницата за амандманската расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка, поднесен од пратениците од Алијанса на Албанците (АА) и Алтернатива.

Седницата на Комисијата почна завчера. За законот, според најавите, се подготвени десетина комисиски амандмани, по разговорите на пратениците и претседателите на СДСМ и премиер Зоран Заев и на АА и Алтернатива Зијадин Села.

Предлог законот е поднесен од пратениците Зиадин Села, Скендер Реџепи, Сурија Рашиди, Сафије Садики Шаини, Абдула Салиу, Елми Азири, Халил Снопче, Илире Даути, Атнан Незири, Артина Ќазими, Хусни Исмаили и Африм Гаши.

Во Собранието за денеска се закажани и седници на комисиите за европски прашања и за здравство, на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, како и работна средба на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија.

Членовите на Комисијата за европски прашања треба да расправаат за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста и на Законот за матучната евиденција, како и предлог законите за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, за управување со отпадот, за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, за управување со пакување и отпад од пакување, за управување со дополнителни текови на отпад, сите во прво читање.

На дневен ред на Комисијата за здравство е Предлог законот за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање на пациенти со Ковид-19 во приватните здравствени установи, во прво читање, поднесен од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов.