Доставени се осум случаи до Интерната комисија формирана по информациите за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции, а побаран е и надзор од Лекарската комора, информираше министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција.
– Пред неколку недели, јавноста беше вознемирена од информации за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции што се изведувале во здравствени установи. Како Министерство за здравство, веднаш постапивме и ја формиравме Интерната комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила. До Интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисијата ќе ги обработи сите детално, со цел да се утврди вистината врз основа медицински факти, посочи министерот.
На новинарско прашање, Алиу одговори дека од една јавна здравствена установа се доставени осумте случаи, а не од пациенти.
– Од институција, не од поединец, подвлече Алиу.
Како што беше појаснето, комисијата утре ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе постапува.
-Воедно, Министерството за здравство побара и вонреден стручен надзор за истите случаи од Лекарската комора, додаде Алиу.
За членовите на тричлената комисија од странство, министерот рече дека стручните лица најверојатно ќе бидат од Словенија, Италија и Австрија.
Тој рече дека граѓаните сакаат и треба да бидат сигурни дека кога бараат здравствена услуга, ја добиваат врз основа на реална потреба и медицински докази, а не врз основа на паушални оценки или коруптивни мотиви.
– Процесот што започна е терапија на здравствениот систем за да се врати довербата во него. Терапија што започнува со кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции, но нема да застане тука ќе се прошири кон сите сегменти на здравството, затоа што секоја област мора да биде заснована врз стручност, медицински докази и почит кон пациентите. Знаеме дека довербата не се враќа преку ноќ чекор по чекор, докажуваме дека здравството е на страната на граѓаните и дека нема враќање назад, истакна министерот.
Тој нагласи дека никој нема да биде заштитен, ниту од јавното, ниту од приватното здравство, ако се докаже дека бил вклучен во извршување интервенции за кои не постои медицинска оправданост. Во исто време, нагласи, никој нема да биде стигматизиран без докази.
– Отпочнат е чувствителен, но неопходен процес. Ќе го водиме објективно, стручно и транспарентно, нема да има компромиси со било кои очекувања или интереси, на крајот фактите и доказите се тие кои ќе зборуваат, додаде Алиу.
Тој беше прашан и зошто не се извршуваат интервенции на Кардиохирургија, а пациенти се пожалиле оти немало ни трансплантации.
– Денеска имав состанок со директорот и колеги од Кардиохирургија. Недостасуваат стручни лица, не само во Кардиохирургија, туку во поголем дел клиники во Скопје. Се иницира билатерален договор со Словенија, со цел да се најде решение за проблемот. Ќе има меморандум за соработка меѓу двете земји, најави Алиу.
Како што беше појаснето, тоа, во пракса значи дека може доктори да дојдат привремено тука од три до шест месеци, во рана фаза е проектот, беше нагласено, а наши лекари, таму. Се предвидува да бидат споделувани пренос на знаења.
– Многу лимитирани се во моментов за операции на Кардиохирургија, додаде Алиу
Comments are closed for this post.