Храбрите одлуки донесени од лидерите на земјата и Преспанскиот договор ѝ овозможија на Македонија да стане членка на НАТО во 2019, а се надевам и на ЕУ наскоро, вели во кус разговор за МИА францускиот амбасадор Ален Ле Роа, кој по покана од Фондацијата „Борис Трајковски” присуствуваше на панел-дискусијата по повод 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот што се одржа неделава во Скопје.
-Можам да кажам едно нешто – во 2001 година можеше да избие ужасна граѓанска војна, но благодарение на лидерите како Борис Трајковски, таква војна беше избегната. Загинаа помалку од 100 луѓе. Ако направите споредба со соседните земји, Македонија направи големо достигнување што успеа да ја надмине кризата со помалку од стотина загинати и благодарение на лидерите, меѓу кои и Борис Трајковски. Тој период не може да се спореди со состојбите денеска и задоволен сум што во земјата има лидери кои донесуваат храбри одлуки со кои ѝ се овозможува на Македонија, благодарение на Преспанскиот договор, да стане членка на НАТО во 2019, а се надеваме и на ЕУ наскоро, вели Ле Роа запрашан како ја оценува ситуацијата денес во земјата од перспектива на 2001-та.
Амбасадорот Ле Роа важи за посветен пријател на Северна Македонија. Ја претставуваше Европската Унија за време на еден од најкритичните периоди за нашата земја, доаѓајќи на местото на Франсоа Леотар во октомври 2001 година. Тој се смета за голем познавач на состојбите во регионот. На настаните организирани по повод годишнината од смртта на претседателот Трајковски, го претставуваше францускиот премиер Едуар Филип. Ле Роа е и член на Групата „Охрид” формирана во 2018 година, чија цел е да ја помогне нашата интеграција во Алијансата. Лидер на оваа неформална група е поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, а ја сочинуваат влијателни личности кои во минатото биле на важни функции во меѓународните организации или на високи позиции во државните служби на големите светски играчи во дипломатијата.
Последен пат беше во Македонија пред четири месеци, пред референдумот.
-Бев испратен од француската Влада како знак на поддршка за референдумот и за да го поддржиме Договорот од Преспа, бидејќи француската Влада силно го поддржува договорот, вели искусниот француски дипломат.
Во однос на ратификацијата од страна на Франција на протоколот за членство на нашата земја во НАТО нема сознанија за датумот кога тоа ќе се случи.
-Не знам дали има конкретен датум кога би се ратификувал протоколот за НАТО. Се надевам ќе биде во месеците што следуваат, но ќе биде ратификуван од парламентите на сите членки до крајот на оваа година, вели Ле Роа.
За процесот на евроинтеграција и дали проширувањето може да биде попречено од инсистирањата на некои земји членки на ЕУ за потребата прво од спроведување внатрешни реформи, Ле Роа посочува на важноста на реформите во Унијата, но и во земјава.
– Јас сметам дека сето тоа ќе биде одлучено во јуни и по изборите во Европскиот парламент. Се надеваме ќе има реформи и во рамките на ЕУ и во Македонија. Одлуката ќе биде донесена во јуни и јас не можам да предвидам каква би била одлуката, посочува Ле Роа.
Прашан каде ќе биде земјава за една година, тој нема дилеми за постигнување на полноправното членство во НАТО до крајот на годината, но воздржан е за преговорите со ЕУ.
-До крајот на годинава Македонија ќе биде полноправна членка на НАТО и се надеваме дека во меѓувреме земјата ќе почне преговори со ЕУ. И за ова не можам ништо да предвидам. За тоа треба да одлучи Советот на ЕУ во јуни, вели францускиот амбасадор Ален Ле Роа.
Comments are closed for this post.