Во пораст  е бројот на заболени од дијабетес.  Од 120.000 пациенти со дијабетес, 40.000 примаат инсулинска терапија.На еден дијагностициран постои еден кој не е дијагностициран и не знае дека ја има болеста, истакна директорката на Универзитетската Клиника за ендокринологија, Саша Јовановска Мишевска на одбележувањето на 14 Ноември, Светски ден на дијабетесот.

Посочи дека секојдневно се соочени не само со пациенти со дијабетес, туку и со голем број комликации (на срцето и големите крвни садови, бубрезите, оштетување на видот) кои ги носи болеста.

Наша основна стратешка определба е да помогнеме што порано да може да се детектира дијабетесот за навреме да почнеме со адекватна и навремена терапија, а со тоа и да ги намалиме компликациите кои болеста ги носи, потенцира Јовановска Мишевска.

Државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев ја истакна нивната целосна посветеност во обезбедувањето квалитетна инсулинска терапија за лекување на болните од дијабетес. Во тек е тендерската постапка за обезбедување на годишните количини на инсулинска терапија за болните и воведување три нови типови инсулин од најнова генерација меѓу кои еден е за деца до 14 години, а тоа е Тресибата.

Во Македонија 500 деца на возраст до 14 години се заболени од дијабетес. Следен чекор е обезбедувањето сензорни мерачи на шеќер во крвта што ќе помогне во контролата на гликемијата кај децата и кај бремените жени кои го имаат гестацискиот дијабетес додаде Милошев.

Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Бојан Киров истакна дека ќе има инсулини со проверени сертификати од оргинаторните компании.

Од јануари ќе почне испораката на новите глукометри (апарати за мерење шеќер во крвта) и новите ленти за нив. Дијабетичарите ќе можат да бидат сигурни во точноста на резултатите од мерењето со тие апарати. Се проширува листата на инсулини. Инсулинската криза заврши летоска и оттогаш нема недостиг. Со новиот тендер за набавка на инсулин, кој е при крај, добивме ветување од Министерството за здравство дека дистрибутерите ќе бидат обврзани покрај тековните месечни количини што треба да бидат дистрибуирани, во секое време да има еден месец резерва на сите видови инсулин, додаде Киров.