Дел од државното акционерско друштво за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија, со одлука на извршниот директор за финансиски работи и правни работи, за развој и инвестиции Миѓен Асани се сели во нови канцеларии, во ТЦ „Мавровка“. Се селат од канцеларии кои се во сопственост на М-НАВ, во канцеларии за кои ќе плаќаат наемнина, објавува МКД.мк.

Објаснувањата за ваквиот потег од кабинетот на директорот Миѓен Асани се дополнителните вработувања на 31 лице и немањето технички прием на новата зграда, која е дел од проектот „Скопје 2014“ и се наоѓа во центарот на градот, наспроти хотелот „Бристол“.

Колкава кирија ќе плаќаат и  кој е сопственикот на деловниот простор во ТЦ „Мавровка“, од М-НАВ не откриваат, велат тоа не било информација за јавноста.

Инаку М-НАВ е акционерско друштво и според огласите за вработување кои често се објавуваат платите се прилично високи и неретко достигнуваат и до 180 илјади денари.

Пред неколку месеци медиумите објавуваа дека ова претпријатие е мета на политичарите и дека редовно се вршат притисоци и си вработуваат членови на семејството.

Се отворија сомнежи како преку ноќ се дуплира бројот на работници, како се прават корекции на коефициенти на вработени блиски до одредени политичари, се со цел зголемување на плата дури и 500 евра.

Од М-НАВ ги отфрлија ваквите тврдења, се правдаа  дека вработувањата на нови лица било поради пополнување на испразнетите места, поради пензии или откази на претходно вработени лица. Исто така тврдеа дека тие немаат никаква врска со организација, функционалност и кадровски обновувања на М НАВ, бидејќи истите се во надлежност на Надзорниот одбор на компанијата.