Во воведното излагање на денешното рочиште за случајот со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, адвокатката Ивана Коцевска, бранител на третообвинетиот Михаил Јованов, истакна дека Обвинителството не обезбедило ниту еден доказ кој ја поткрепува тезата за негово гонење, ниту пак прецизирало конкретно дејствие што му се става на товар. Според Коцевска, третообвинетиот Јованов се наоѓа на обвинителна клупа единствено затоа што е син на газдата на „Пулс“ Дејан Јованов, којшто е првообвинет во случајот.

– Во случајот за третообвинетиот Михаил Јованов, Обвинителството не само што не прибавило ниту еден доказ во поддршка на тезата за прогон, туку не успеало ниту да прецизира барем едно дејствие во диспозитивот на целото обвинение, рече Коцевска, и додаде дека ваквата состојба го довела обвинетиот во позиција да мора да ја докажува сопствената невиност „без прецизен товар на противправни дејствија“.

Адвокатката предупреди и на, како што рече, континуирана повреда на пресумпцијата на невиност од страна на државните органи и медиумите, оценувајќи дека јавните настапи и објавувањето доказен материјал надвор од постапката создале дополнителен притисок врз Судот. Таа оцени дека во претходната постапка имало многу незаконитости и дека Обвинителството неосновано ја проширило „лепезата на обвинети“, без да ја поддржи обвинителната одлука со докази.

– Во ваков случај, каде што не постои ниту еден доказ во поддршка на тезата за прогон против Михаил Јованов, се ставаме во една неизвесна ситуација да мора да се браниме, односно да мора да ја докажуваме неговата невиност… Случајот премногу ги премина границите на дозволеното, бидејќи органите на прогонот успеаја да ја доведат јавноста во заблуда со предавање на дел од доказниот материјал надвор од рамките на постапката и со тоа да предизвикаат дополнителни притисоци врз Судот, рече Коцевска.

Обвинението против Јованов, таа го оцени како непрецизно, наведувајќи дека не е јасно што точно презел во име и за сметка на правното лице. – Врз основа на ваквото непрецизирано и нејасно образложување… на Михаил Јованов му се става на товар дека сторил кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, вели Коцевска.

Најави дека во доказната постапка ќе бидат изведени документи и сведоци кои, според одбраната, ќе потврдат дека Јованов не учествувал во работењето на клубот, туку во наведениот период бил студент, а потоа сопственик и управител на своја фирма.

– Од доказите на Обвинителството единствено може да произлезе дека Михаил никогаш формално-правно не бил, ниту фигурирал како сопственик, ниту како управител на правното лице. На тој начин ќе дојдеме до одговорот на прашањето зошто Обвинителството не успеало да прецизира барем едно дејствие, затоа што такво дејствие никогаш не постоело, вели Коцевска.