„Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство. Овде е претставен како воин на коњ“.

Ова е новата ознака на споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје, што е во согласност со членот 8, точка 2 од Договорот од Преспа.

Нова ознака е поставена и на споменикот на Олимпија, мајката на Александар Македонски, на плоштадот и парк „Ибни Пајко“. На неа пишува: „Во чест на Олимпија, историска фугура која припаѓа на античката хеленска историја и цивилизација и на светското културно историско наследство“.

Текстот на ознаките е напишан на македонски, албански и англиски јазик. Имињата на спомениците остануваат исти.

Со „потковувањето“ на „Аце на Букефал“ станува јасно дека треба да се збогуваме со Александар III, односно кралот Александар Македонски и треба да го прифатиме исклучиво како Александар Велики. Веројатно така ќе го учат и идните генерации.

Но, се уште не е јасно дали „ќе заигра“ брусалката и на штитовите, чии зраци на нив во извесна смисла го симболизираат Сонцето од Кутлеш. Меѓу нив сонцето има 8, 14,16, па и 32 краци.Па, се поставуваат прашања, на пример, дали тука е поважна симболиката или бројката?! Дали 16 краци на штитовите ќе имаат исто значење како тие на шахтите и ќе се „поминат“ со брусалка?! Или тука ќе имаат статус на светско културно и историско значење?!

А, легитимно е да се праша-што ако Васил Тупурковски реши да ги реобјави неговите книги „Историја на Македонија-Од смртта на Александар Македонски до македонско-римските војни“ и „Историја на Македонија од древнина до смртта на Александар Македонски“? Или Жан Митрев неговата „Македонски приказни за Филип и Александар“? Дали и тие ќе мораат да ставаат „плочки“ во новите изданија?

Во Преспанскиот договор, во членот 8 став 2 се вели дека: „Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“.

Продолжува и отстранувањето на Сонцето од Кутлеш од обележјата на јавните институции, објекти и јавните површини.