Во позитивната кампања за успешен референдум веќе почнуваат да испливуваат на површина и првите забегувања. Пратеникот од редовите на СДСМ, Мухамед Зеќири, на пример, забележува дека со пристапните преговори, а потоа и со членството во ЕУ, ќе се отворат нови фондови, а постојните ќе се зголемуваат.
-Денес, нашите пријатели од ЕУ одвојуваат 260.000 евра дневно како поддршка за Македонија. Тоа се 90 милиони евра годишно наменети за земјоделие, инфратсруктура, здравство, образование, младински политики. Како што Македонија ќе се доближува до полноправно членство, така ќе расте и финансиската поддршка од ЕУ, вели Зеќири.
Навистина, многу интересна е неговата математика. Не дека не е точна, напротив. Само останува отворено прашањето зошто медот и млекото, што секојдневно ни течат по улиците, а и допрва ќе ни течат, не се чувствуваат во реалниот живот, што ќе рече во џебовите на граѓаните?! Ако слепо се држиме до ветувањата и веќе прокламираното мото дека НАТО ќе не брани, а ЕУ ќе не храни, тогаш што ќе работат тие? Ќе остане ли нешто да сработи и пратеникот Зеќири?
Впрочем, и не е важно. Важно е само граѓаните на 30 септември да се решат да излезат за да го дадат својот глас на референдумот. Без разлика дали ќе биде ЗА или ПРОТИВ, со што ќе го исполнат потребниот цензус.
Comments are closed for this post.