4.926 осигуреници се дел од првата група граѓани што добија уплата од државата кон двете приватни пензиски друштва за тоа што со години не им биле плаќани придонеси во вториот пениски столб.
Како што информираше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, оваа прва исплата треба да заврши до крајот на месецот. Уплатите за другите осигуреници ќе се случуваат во наредните месеци и треба да завршат до средината на годината, со што сите 12 илјади осигуреници ќе бидат целосно обесштетени. За оваа намена Владата обезбеди 19 милиони евра од државниот буџет.
Министерката за труд и социјална политика информираше дека согласно со новата законска регулатива, исто така во тек е трансферот на 11.319 членови од вторите кон првите друштва. Со тоа, како што истакна Царовска, почнува специфичен процес во кој ќе бидат вклучени сите институции и процес кој ќе покаже дека реформата и во пракса ќе направи регулација на пензискиот систем.
На ваков начин пензискиот систем станува многу посигурен, стабилен и одржлив. Иако навидум се прават мали поместувања во 2019 година се очекува намалување на дупката во Фондот за ПИОМ за две милијарди денари што е значителна бројка и ќе доведе до порамнување на линијата и постепено затворање на дупката што на среден рок треба да доведе до стабилизација на системот – изјави Царовска по работниот состанок со директорите на ПИОМ, МАПАС и приватните пензиски друштва.
Директорот на Фондот за ПИОМ, Шаип Зенељи, истакна дека сите граѓани ќе бидат обесштетени и оти ќе им бидат префрлени на сметка во вториот пензиски столб. Според него, средствата што во изминатите години не биле уплаќани на нивни сметки, не се изнесени од ПИОМ, туку останувале во Фондот и се користеле наменски.
Неизвршувањето на уплатите според него е резултат на системски пропуст кој се должи на сложеноста на пензискиот систем.
Пензискиот систем е еден од најсложените системи за водење и за евиденции. Најголем дел од податоците се добиваат од надлежни надворешни иснтитуции, а Фондот ги контролира, споредува и обработува податоците за осигурениците да обезбедат право на пензија. Од 2006 година Фондот врши распределба на членствотио и придонес во вториот столб. Водењето и користење на една база на податоци е сложен процес и можни се пропусти кои произлегуваат од обемот и содржината на податоци, како и од честата измена на законската регулатива за сите обрски кои имаат влијание на остварувањето на правата – рече Зенељи.
Министерката за труд останува на ставот дека Министерството не може да ја лоцира одговорноста, затоа што, како што потенцира, тоа е управен орган, а не орган за истрага или прогон. До податоците било дојдено со обемна анализа, а документацијата е предадена до ОЈО која треба да ја утврди одговорноста.
Comments are closed for this post.