Може да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија, меѓутоа не и терминот бугарска фашистичка окупација, зашто Бугарија не била фашистичка земја, профашистичка да, меѓутоа фашистичка не, вели за РСЕ копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев.
Дали овој нов пристап којшто го најавија Ковачевски и бугарскиот премиер Кирил Петков за побрзо решавање на спорот со некакви временски рамки од шест месеци всушност ви прави некаков притисок во Комисијата за да испорачате резултати?
Да, се наметна едно такво чувство кога стана збор за формирање на дополнителни групи во процесот на разговорите со Република Бугарија, меѓутоа уште не почетокот ние зазедовме јасен став дека историската комисија не може да го следи тоа темпо и да има средби секој месец, така што договорот е да имаме шест средби годишно. Минатата година беа договорени пет, значи додадовме уште една средба плус во текот на оваа година со цел да придонесеме кон динамиката на процесот на разговори со Република Бугарија и тоа е оптималното наше работење, бидејќи и меѓу средбите ние имаме многу работа во однос на усогласување на ставови, записници итн. Така што, на годишно ниво ќе имаме шест средби.
Во мај годинава ќе се навршат четири години од кога е формирана заедничката комисија, а впечатокот е дека вие сè уште имате силни несогласувања со колегите од бугарската страна околу терминот заедничка историја. Професоре, дали вашите бугарски колеги инсистираат на тоа дека заедничката историја подразбира дека Македонците до 1945 година биле Бугари?
Да, тој термин е употребен во Договорот во членот што зборува за историската комисија и не е дефинирано што се подразбира под таа синтагма заедничка историја и ние дојдовме во судир со колегите од Бугарија во однос на тоа.
Што подразбираат тие под тоа?
Тие подразбираат дека станува збор за историја на еден народ, односно на бугарскиот народ која започнала кон средината на деветтиот век кога првото бугарско средновековно царство ја освојува територијата на Македонија. Според нив, тогаш се случува трајна етничка хомогенизација меѓу прабугарското население кое е дојдено од исток и словенското население кое живее на овие простори, се создава бугарскиот народ и оттогаш до 1944 година, тоа е историја само на еден народ, односно на бугарскиот народ.
Значи македонскиот народ е по 1944 година?
Значи македонскиот народ, според ставовите на најголем дел од бугарската историографија, е создаден со, како што велат, инженеринг на Комунистичката партија на Македонија и на Југославија, на Коминтерната и на Тито. Ние веднаш апсолутно го одбивме таквото дефинирање на синтагмата заедничка историја и дури инсистиравме со колегите да посветиме посебно внимание на тој термин, да го дефинираме што значи заедничка историја, меѓутоа од бугарските колеги тоа беше одбиено и сега синтагмата заедничка историја останува како една од пречките во нашето дефинирање на некои препораки, и во учебниците и за заедничко чествување.
Друго прашање кое често предизвикува несогласувања, кога и да се спомене, е терминот бугарски фашистички окупатор. Како според вас треба да се дефинира ова?
Според мене, Бугарија не може да ја дефинираме како класична фашистичка земја, како што може да се каже за тогашна фашистичка Италија или нацистичка Германија. Ние може да ја третираме Бугарија како пронацистичка, профашистичка земја, меѓутоа Бугарија не е фашистичка земја во тоа време. Според мене, оној термин кој овде може да се користи, за кој треба да се дебатира, повторно ние не може тоа со наша одлука да го наметнеме се разбира, е да се користат термините окупација, инвазија, па дури и анексија, затоа што овие простори би биле анектирани кон Бугарија доколку победеле силите на оската, меѓутоа не и терминот бугарска фашистичка окупација. Профашистичка да, меѓутоа фашистичка не. Бугарија не е фашистичка земја, според мене, но и според видувањата на голем број научници на запад, нема фашистичко уредување во Бугарија. Постои еден авторитарен режим на Цар Борис таму, кој го суспендира работењето на бугарското собрание, меѓутоа Бугарија нема фашистичко уредување. Постојат внатре, условно кажано, фашистички движења, кои имаат фашистички идеи во себе, меѓутоа тие не се во рамките на самата бугарска држава, во структурата на владините тела. Така што од тој аспект најсоодветно би било користењето на бугарска окупација, бугарска инвазија.
Comments are closed for this post.