На 11 печатени медиуми им се исплатени 42.568.620 денари со владината Програма за поддршка на печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2018 година. Одбиени се две барања, на списанието „Порта 3“и на Културното здружение „Визиони М Шења“, кои не ги исполниле критериумите, информира денеска на прес-конференција министерот за комуникации и отчетност Роберт Поповски.
Комисијата за оценка на критериумите утврдила дека „Порта 3“, специјализирано списание за градежништво, архитектура и екологија, не го исполнило основниот услов – печатениот медиуми да е од општ информативен карактер и да е насочен кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања. „Визиони М Шења“, пак, во барањето немале изјава дека под морална, материјална и кривична одговорност гарантираат за точноста и веродостојноста на наведените податоци и потврда оти со правосилна пресуда не им е изречена прекршочна санкција – забрана за вршење професија.
Како што најави претседателот на Асоцијацијата на печатени медиуми Лирим Дулови, асоцијацијата ќе формира солидарен фонд во кој нејзините членки ќе издвојат финансии за помош на печатените медиуми на кои им се отфрлени барањата.
– Со реализацијата на Програмата денеска може да се каже дека надежта за печатените медиуми се врати. Во соработка со Владата успеавме да најдеме модел што во иднина ќе ја обезцеди нашата работа. Во скоро сите земји од ЕУ веќе подолг временски период владите ги помагаат печатените медиуми, рече Дулови.
Од Програмата за 2018 со која беа на располагање 50 милиони денари се исплаќаа трошоци за печање и за дистрибуција, врз основа на фактури за 2017 година. На „Нова Македонија“ и се исплатени 6.183.000 денари, „Слободен печат“ – 14.277.742 денара, „Битолски весник“ – 244.500 денари, „Заман“ 903.092 денара, ДИТ Зенит прес ДОО Прилеп – 287.343 денари, „Капитал“ 2.115.614 дебнари, „Коха“ – 4.932.157 денари, „Вечер“ – 7.255.047 денари, „Лајм“ – 1.043.912 денари, „Фокус“ – 4.624.438 денари и на „Економија и бизнис„ – 701.105 денари.
„Владата е отворена за поддршка на медиумите, на новинарството и новинарската професија, на медиумските работници, максимално, без притоа никогаш да не помисли да врши какво било влијание врз уредувачките политики, рече Поповски, потсетувајќи на неговата минатонеделна најава дека се подготвени да ги разгледаат предлозите што евентуално би биле доставени за фонд за поддршка на останатите медиуми на ист начин како што тоа беше направено за печатените“.
Поповски потсети дека Програмата беше подготвен на иницијатива на новинарите и нивните организации, а критериумите за распределба утврдени во соработка Здружението на печатени медиуми. За следната распределба, за која со Буџетот за годинава се одвоени исто така 50 милиони денари, најави Поповски, ќе бидат отстранети утврдените недоследности и ќе бидат допрецизирани критериумите.
Во одговор на новинарски прашања, Поповски нагласи дека со распределбата на финансиите не може да стане збор за никава корупција или обид за корумпирање на медиумите и притисок врз уредувачките политики. Средствата не се импутирање пари во медиумите, туку се враќање на дел од трошоците што медиумите веќе ги направиле. Тоа значи дека Владата не дава пари, ниту ја пропагира својата политика, ниту има намера оваа Влада некогаш да помисли да прави такво нешто, рече Поповски
Comments are closed for this post.