Советниците во општина Центар на денешната седница ја усвоија иницијативата на градоначалникот Горан Герасимовски, салата во Градскиот парк да го носи името на легендата на македонската кошарка Лазар Лечиќ.
Спортската сала во Градскиот парк минатиот месец беше ставена во функција по едногодишна реконструкција според највисоките стандарди за одигрување кошаркарски натпревари.
„На мој предлог, салата се преименува во чест на човекот кој остави длабока трага во македонската кошарка и во историјата на КК Работнички. Ја реконструиравме од корен и таа сега доби целосно нов лик – заслужува име што ќе го продолжи духот и традицијата на клубот. Горд сум што нашата сала е по ФИБА стандарди, подготвена за нови спортски успеси и генерации кои ќе ја продолжат славната кошаркарска приказна на Работнички. Лазар Лечиќ е вистинска легенда и неговото име ќе живее овде, каде што испиша историја“, објави градоначалникот на општина Центар, Герасимовски, на својот Фејсбук профил.