Собранието денеска на 94. седница го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител.

Изборот на Савески го поддржаа 66 пратеници, „против“ гласаа двајца, а осум беа воздржани.

Предлогот на Владата за избор на Савески за државен јавен обвинител пред пратениците го образложи вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

На Македонија очајно и е потребна правда и владеење на правото. И треба јасно отворање и процесуирање на случаи кои ќе значат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем – истакна Николоски на собраниската седница.

Тој нагласи дека Савески е професионалец, докажан во својата работа и, како што потенцира, без ниту една дамка во својата професионална кариера.

На изборот претходеше расправа во која пратениците од власта и опозицијата разменија критики за тоа кој е одговорен за ниската доверба во правосудниот систем, кој прави обид за партизирање на судиите и обвинителите, се споменуваа последниците од работата на СЈО, „сваровски судството“, се споменуваа имињата на поранешните премиери Зоран Заев, Никола Груевски…Пратениците од власта ја потенцираа богатата биографија и работното искуство на Савески во правосудниот систем, што исто така беше признаено од пратениците од опозицијата, кои, пак забележуваа дека квалитетот е неспорен, но го критикуваа системот што сака да го вопостави власта, кој според нив ќе го партизира обвинителството.

Савески, кој моментно е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведената постапка, во која учествуваа петмина кандидати.