И натаму принципиелно треба да стоиме на нашите позиции и да инсистираме на гаранција од ЕУ – дека уставните измени ќе бидат последниот услов од бугарска страна. Ако добиеме гаранција, ќе го смениме Уставот, но измените ќе почнат да важат од денот на нашето полноправно членство во ЕУ. Таква гаранција немаме добиено и во овој момент принципиелно стоиме на нашиот став дека тоа е последната отстапка што Македонија може да ја направи, вели во интервју за МИА вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски.

Тој ги квалификува како политичко-партиски фолклор барањата на ДУИ за Бадентер во Уставниот суд и при избор на Владата. Во нив препознава обид за редефинирање и рекомпонирање на системот на државата, но и желба, како што нагласува, некој повторно да почне национализмот да го става во преден план заради сопствени потреби. Владата, подвлекува Димовски, добро функционира со легитимните претставници на македонските Албанци во земјава, а тоа, дополнува, го потврдија и последните резултати на локалните избори. Според него, интересите на македонските Албанци се во целост застапени преку нивните претставници и во Собранието и во Владата.

– ДУИ повторно ги отвора овие прашања зашто во моментов тоа и одговара, а целта е да го подигнат во голема мера загубениот рејтинг и углед кај гласачите, смета вицепремиерот.

Димовски не знае кога точно може да се очекува усвојувањето на измените на Изборниот законик, но е дециден дека за секоја измена ќе мора да има политички консензус. Во однос, пак, на мигрантите за кои обвинува СДСМ, тврди дека не е потпишан никаков договор, ниту се преземени какви било обврски кои се однесуваат на таа тема. Воедно потсетува дека веќе е донесена владина одлука усвоена и во Собранието, за продолжување на мигрантската криза и во 2026 година.

На прашањето што ја одржува соработката меѓу СПМ и ВМРО-ДПМНЕ повеќе од две децении, тој истакнува дека заедничките ставови поврзани со националното прашање и иднината на државата ја прават коалицијата успешна. Во овој конктекст ги повикува сите политички чинители на градење национално единство кое, потенцира, на Македонија и е сега најпотребно.

– Релациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СПМ се добар пример како треба да се гради националното единство. Ние тоа успеавме да го направиме во рамки на коалицијата, во рамки на Владата, а сега на сите политички партии, и од власта и од опозицијата, им ја нудиме раката да можеме да го градиме тоа единство зашто постојат сериозни предизвици пред Македонија и ние мора да го изградиме тоа единство зашто така ќе бидеме посигурни и посилни за да можеме да си ги оствариме интересите. Да не бидеме разединети, да бидеме единствени. Кохезијата е многу битна работа, а единството е уште побитно. Свеста е најбитната работа дека до тоа мора да дојде и оттаму и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер и јас како претседател на СПМ наназад повеќе години апелираме до сите здраворазумни сили во државата да се обидеме да го постигнеме тоа национално единство, порачува Димовски.

Г-не Димовски, каков е вашиот став за уставните измени?

Со тој став излеговме уште за време на предизборната кампања кога на граѓаните им ја укажавме реалната состојба околу дополнителните уставни измени кои се однесуваат на тоа – граѓаните кои се чувствуваат Бугари да бидат дел од Уставот иако има историски импликации во сето тоа, зашто македонската држава се темели на одредбите донесени на АСНОМ и веќе сето тоа има една поширока историска димензија. Но, и покрај тие работи, ние бевме свесни дека треба да се раководиме од интересите на Република Македонија и нејзино почнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Условот е тој – врз основа на договорот за добрососедство со Република Бугарија, кој, би можел да кажам, во одредени делови, со оглед на тоа дека на чуден и неодговорен начин беше презентиран на Комисијата за надворешна политика во Собранието, на кој од наша страна беа предочени петте елементи што треба да бидат рамноправни како отстапки и од бугарска и од наша страна. Тие наши предлози, и покрај ветеното од тогашната власт, воопшто не беа прифатени и истата содржина на договорот беше доставена на пленарна седница, на која беше и усвоен од тогашното мнозинство. Непосредно по ова, се формира т.н. историска комисија, односно беа донесени двата протокола, кои уште се попогубни од договорот. Затоа ние бевме многу претпазливи и свесни дека и самото изменување на Уставот и вметнувањето на македонските граѓани кои се чувствуваат како Бугари да бидат дел од Уставот, сметавме дека нема да биде последниот услов од бугарска страна и дека во иднина ќе имаме нови опструкции, сигурно и посериозни зашто нам ни се оспорени историјата, идентитетот, јазикот, културата и не знам што сѐ нема да биде предмет на условување и уценување од буграска страна во следниот период. Оттаму, баравме условно менување на Уставот со гаранции од ЕУ, односно од авторитетите од Брисел, дека тоа ќе биде последниот услов од бугарска страна. Таква гаранција немаме добиено и во овој момент принципиелно стоиме на нашиот став дека тоа е последната отстапка што Македонија може да ја направи.

Ние постапуваме по мислењето на мнозинството граѓани.

Лично јас не сум убеден дека има искреност во ставовите на Брисел во однос на Македонија зашто сериозни отстапки се направија за почнувањето преговори или за земањето предвид за пристапување на Украина и Молдавија, кои се далеку зад нас. Патем, Украина е држава која не само што ги нема средено односите со соседите туку има и воен конфликт на својата територија. Ние сме во подредена ситуација и очигледно станува збор за политичка процена – кој е соодветен да биде член на ЕУ, а кој треба да направи дополнителни напори. Тоа се болни отстапки што треба да ги направи Македонија во случајот. Оттаму, сметаме дека принципиелно и натаму треба да стоиме на нашите позиции и да инсистираме на гаранции зашто чувствуваме дека ова е веќе фраза кажана од многумина – дека Македонија е дел од европскиот континент, од европската култура и цивилизација и дека е сосема природно да биде член на европското семејство. Но не под сите услови. Еве ова е нашиот услов и не претставува ништо посебно, туку, едноставно, внимание кон македонскиот народ и граѓаните на Македонија за отстапката што треба да ја направат во однос на бугарските барања.

Колку сте оптимист дека ќе се почитува овој наш принцип од страна на ЕУ?

Мислам дека Европа сега има сосема други приоритети и Македонија е некаде на маргините на интересот на бриселската администрација. Јас сум убеден дека ние сме во многу напредна фаза зашто во голем дел од аки-то на Европа се имаме усогласено во повеќе области и поглавја. Доколку се добие оваа гаранција, мислам дека ние би можеле во забрзана постапка да го надополниме она што го имаме пропушптено временски. Но, за тоа е потребна добра волја и од другата страна. Ако добиеме гаранција, ние условно ќе ги спроведеме измените на Уставот што се бараат, но нивната примена ќе почне или тие ќе почнат да важат од денот на нашето полноправно членство во ЕУ.

СПМ остро реагираше по изнесените барања на ДУИ за Бадентер во Уставниот суд и при избор на Владата. Што конкретно препознавате во овие „услови“ на Али Ахмети?

Редефинирање и рекомпонирање на системот на државата – Бадентер и за избор на Владата и во Уставниот суд. Претходно имаше проблематизирање на укинување на Балансерот. Балансерот фактички беше укинат од страна на владата на ДУИ и СДСМ и тие тогаш рекоа дека сите барања на албанските политички партии се реализирани и дека нема повеќе потреба од Балансерот. Сега повторно некој сака свесно да се напушти професионалноста на администрацијата, да се наметне етничката припадност на одредени вработени во администрацијата, односно да биде одлучувачки критериум за нивно вработување што, ќе се согласите, не е во ред. Пред се, се битни компетенцијата, стручноста и знаењето, а не етничката припадност. Сите елементи што беа во тој балансер се искористени. Но, јас сметам дека тоа е веќе политичко-партиски фолклор и дека некој повторно сака да почне национализмот или националната припадност да ги става во преден план заради сопствени потреби. Оттаму и барањето околу Бадентерот за Уставен суд и за избор на Владата. Со тоа јас не можам да се согласам ниту како потпретседател на Владата, ниту како претседател на политичка партија. Впрочем, го имам мислењето на моите членови, но имам слух и за реакциите на пошироката јавност кои едноставно не кореспондираат и нема согласност, ниту разбирање за нешто такво.

Владата добро функционира со легитимните претставници на македонските Албанци. Последните резултати на локалните избори тоа го потврдија по бројот на советници и оосбено по бројот на градоначалници. И тука јас не гледам ништо спорно. Напротив, мислам дека интересите на македонските Албанци се во целост застапени преку нивните претставници и во Собранието, но и во Владата.

ДУИ повторно ги отвора овие прашања зашто во моментов тоа и одговара, а целта е да го подигнат во голема мера загубениот рејтинг и углед кај гласачите.

СДСМ изминатиов месец ја наметна темата за мигрантите. Ја обвини Владата дека договорила во земјава да дојдат луѓе кои не се добри за Британија. Премиерот тврди дека такво нешто не постои. Што велите Вие?

Не е потпишан никаков договор, ниту се преземени какви било обврски кои се однесуваат на таа тема, ниту на какви било мигранти.

Морам да напоменам дека границата на Македонија е основниот бедем на мигрантските коридори за илегален влез во земјите-членки на ЕУ. Тоа е првата работа. Затоа претставници од повеќе држави имаат свои сили на нашата граница кои им помагаат на нашите органи во спречувањето на мигрантскиот влез. Второ, пред неколку дена, Владата донесе Одлука за продолжување на мигрантската криза од 1.01.2026 до 31.12.2026. Тоа е 14-та година по ред како се прогласува мигрантска криза. Јас бев сведок на прогласувањето на првата криза кога жестоко се спротивставија тогашните претставници на опозицијата кои и сега се опозиција зашто сметаа дека тоа е непотребно, дека се кршат човекови права,… и таа тогаш беше ограничена на три месеци, но потоа фактичката состојба не убеди дека треба да биде продолжена подолг период. И од тогаш до денес, со ова, 14 години оваа Влада негира дека има потпишано некаков договор за влез на мигранти.

Г-не Димовски, до каде се измените на Изборниот законик?

Измените се однесуваат, пред сѐ, на усогласување на Изборниот законик со препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Сега се работи на последните препораки што ги имаме добиено. Но, би напоменал дека за секоја измена на Изборниот законик треба да има политички консензус. Без консензус не е можно да се применува овој Законик. Во овој период од одредени политички партии имаме заинтересираност, пред сѐ, во делот на располагањето со финансиските средства за финансирањето на предизборните активности.

Има иницијатива да се формира работна група во Собранието од сите пратенички групи што ќе работат на измените на Изборниот законик, а Владата информира преку министерот за правда за веќе реализираната координација кај претседателот на Собранието за повеќе прашања, меѓу другото, и за Изборниот законик. Знам дека измените ќе се движат во насока на барањата на сите политички фактори – дека треба да се направат соодевтни измени како што тие сметаат, но на крајот повторно ќе мора да има политички консензус. Дали ќе има измени во изборните единици или во листите допрва ќе се прави политичка, но и техничка процена – дали е воопшто сето тоа можно, колку би имале придобивки. Можеби, на пример, за следните избори би се одело со некој пилот во некои општини или изборни единици, ќе се изнајде некој модел. Тоа се сериозни работи за кои навистина треба согласност со сите политички фактори.

Не би можел да претпоставам кога би биле готови или донесени измените на Изборниот законик. Убеден сум дека Министерството за правда си ја има извршено работата и дека со политичките партии ќе треба да има доусогласување, нивелација на членовите што би оделе во интерес на сите политички фактори и оттаму потребата од овој консензус.

Актуелни се и измените на Кривичниот законик…

 

Измените од 2023 година беа во насока на заштита на тогашните раководни лица, на луѓето што беа дел од извршната власт и воопшто на оние од тогашното мнозинство, и тоа е факт. Измените на Кривичниот законик се веќе во собраниска процедура. Пратениците сега одат чекор назад и повторно ги враќаат измените назад. Но, тие одредби ќе важат од денес за евентуални можни кривични дела во периодот што следува. Нема да важат за оние што досега веќе нешто сториле. Дали мене или на некој друг ова му се допаѓа – не знам, но правото така налага, а и Уставот – секогаш да важат поблагите одредби.

Повеќе од две децении сте во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Што ја прави или одржува оваа коалиција толку стабилна и дали социјалистичките вредности на вашата партија некогаш се судираат со десната ориентација на ВМРО-ДПМНЕ?

Соработката со ВМРО-ДПМНЕ почна уште во 2004 година, пред 21 година. Во СПМ бевме свесни дека во следниот период ќе дојдат црни облаци врз Македонија. Жал ми е, но сепак сме биле во право, особено во 2017 година во февруари кога излеговме со сеопфатната платформа за заштита на македонските национални и државни интереси или т.н. црвени линии, кои во изминатите осум години некој успеа да ги избрише. Во 2004 година ставовите на СПМ поврзани со националното прашање, кое патем е иманентно за секоја левоориентирана партија и не е ексклузива на други партии, се совпаднаа со оние на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше основата на која почна нашата соработка, која повеќе од две децении се реализира без никаков проблем. Ние и во претходната влада имавме учество во извршната власт, а извршната власт креира политики, кои во некои или повеќе ресори беа поиманенти за нашата партија, но тогаш беа квалификувани како популистички. Но, зошто ако е нешто прифатливо за повеќето граѓани, би било популизам, а не свесно креирање политики во кои ќе се задоволат што поголем број граѓани. Мислам дека успеавме да најдеме заеднички јазик со нашите коалициски партнери.

Уште своевремено нашата партија предлагаше посебно министерство за рударство. Еве сега во Владата има посебно Министерство за енергетика, минерални суровини и рударство. Тоа е особено битно за Македонија зашто имаме сериозни ресурси, рудни наоѓалишта, кои може да бидат вреднувани во капитал, кој понатаму би можел да послужи како гаранција за реализација на некои идни проекти што на државата ѝ даваат сигурност и стабилност дека ќе може да ги спроведе своите политики независно од меѓународните финансиски институции.

Мислам дека изминатиот период, особено во 2017 – 2024 година, помалку битна беше идеолошката компонента на партиите што членуваа во коалицијата, сега „Твоја Македонија“, отколку компонентите на државотворноста и националните интереси на македонскиот народ и на сите граѓани во државата. Мислам дека успеавме. Ние поминавме тежок период од седум години во една многу лоша ситуација на опозиција, која беше ставена под секакви притисоци и јавноста за тоа допрва ќе дознае што сѐ се случуваше, но издржавме зашто го имавме она што во моментот му треба на македонското општество, односно на македонските граѓани, а тоа е единството. Релациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СПМ се добар пример како треба да се гради националното единство. Ние тоа успеавме да го направиме во рамките на коалицијата, во рамките на Владата, а сега на сите политички партии, и од власта и од опозицијата, им ја нудиме раката да можеме да го градиме ова единство зашто постојат сериозни предизвци пред Македонија и ние мора да го изградиме тоа единство зашто така ќе бидеме посигурни и посилни за да можеме да си ги оствариме интересите. Да не бидеме разединети, да бидеме единствени. Кохезијата е многу битна работа, а единството е уште побитно. Свеста е најбитната работа дека до тоа мора да дојде и оттаму и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер и јас како претседател на СПМ повеќе години апелираме до сите здраворазумни сили во државата да се обидеме да го постигнеме ова национално единство.

Во 2017 година, кога видовме дека она од што се плашевме почна да се реализира, тоа црно сценарио, поведовме една активност со која успеавме да ги собереме 18-те најугледни врвни професори, бисерот на македонската историска наука, и на македонските граѓани да им понудиме историски аргументи, факти, преку издавањето на веќе 14 книги со историски тематики. Успеавме да дадеме пример како политичка партија, а сега и државата ќе се обиде преку архивската граѓа што ќе биде изложена и сите историски сознанија, да ја зацврстиме позицијата како народ и да бидеме уште поотпорни. Дополнително на тоа и ова единство што бараме да се постигне би можеле да бидеме во ситуација не Владата, туку целата јавност и сите политички партии да дојдат до консензусот дека мора да се опстои на патот што сме го зацртале за да си ги оствариме целите.

Инаку, СПМ е докажано државотворна уште од 1941 година или од 1903 преку носителите на социјалистичката идеја или од 1893 година преку нашиот патрон Васил Главинов. Ние своите корени ги имаме многу длабоко.

Г. Димовски, бевте министер за земјоделство, а по професија сте економист. Може ли да го заокружиме интервјуто со една Ваша оценка за инфлацијата, храната, цените? Каде, според Вас, се движиме, дали треба да се преземат некакви мерки?

Зголемувањето на цените на прехранбените артикли не е ексклузива за Македонија, тоа е глобален тренд. Храната поскапува секаде во светот. Ако поскапуваат основните прехранбени продукти на глобално ниво, ние не можеме да бидеме исклучок или остров изолиран од сите, па да имаме ниски цени. Цените се тие. Ние сме увозно зависни, за жал, зашто имавме катастрофална состојба изминатите седум години во делот на земјоделството, кое сериозно го намали своето производство, а сериозно го зголеми увозот и на земјоделски и на прехранбени производи. Кога сте увозно зависни, како можеме да очекуваме да имаме ниски цени? Да, Владата се обиде да се справува со ограничувањето на маржите, беа предвидени и пакети… Тоа на ниедна влада не ѝ успеало – да го реши сто отсто тој проблем зашто се работи за берзански индикатори. Пазарот си работи и ние не можеме да бидеме исклучок, но Владата работи да го намали ценовниот притисок. Сметаме и на општествената одговорност на трговските компании, но ќе инсистираме и на почитување на законите. Друго е ангажирањето за обезбедување повисоки откупни цени за земјоделците за да го зголемиме производството и да го намалиме увозот на земјоделски производи. Тука треба да се работи во следниот период – на нова земјоделска политика. В година ќе треба да се донесе нов закон за земјоделство и рурален развој, во кој ќе се постават нови критериуми за да се спроведуваат нови политики и нова политика во делот на субвенционирањето. Има модели како сето тоа да се прави. Тоа ќе треба да ни обезбеди зголемување на земјоделството и негово ставање во функција на едно ниво повисоко. Тоа не може преку ноќ, потребен е најмалку период од две, па и три години, за да дојдеме до резултати.

Од друга страна, Македонија има речиси најниска инфлација во Европа, втора држава сме во Европа со стапка од неполни 4 отсто, а в година инфлацијата ќе биде 3 проценти. Ние треба да го зголемиме БДП со инвестиции, нови производни капацитети, дополнителни вработувања, иако можам да кажам дека, како што непомена премиерот, ние ќе бидеме во ситуација в година да имаме под 10.000 невработени граѓани и тоа е веќе сериозно ниска бројка, што значи дека невработеноста во моментот, без оглед на условите колку граѓани се присутни во државата и колку се раселени, … почнуваме како Влада да ги привлекуваме нашите граѓани, кои се иселени, да се вратат назад, кои имаат бизниси во трети држави, за да го продолжат своето работење тука.

Цениме дека буџетската потрошувачка треба да ја насочиме кон реализација на стратешките проекти во инфраструктурата, патна, железничка…