Ако сте меѓу оние кои секој ден околу 14 часот чувствуваат потреба за уште една шолја кафе, голема е веројатноста дека сте жртва на класичниот попладневен пад на енергијата. Без разлика колку добро сте спиеле, чувството на замор во тоа време често е неизбежно.
Но, наместо тоа време само да го „протуркате“ со уште едно кафе, можеби постои попаметен начин да се разбудите и да си го вратите фокусот – и тоа без кофеин.
Познатиот тренер за помнење, Џим Квик, предлага едноставен трик, направете кратка пауза за мозокот. Таа вклучува три едноставни чекори: помрднете го телото, хидрирајте се, дишете длабоко.
Нема потреба да го форсирате умот да се фокусира кога телото ви кажува да забавите. Кратка пауза која ќе ги задоволи основните потреби на мозокот може да направи голема разлика.
Мозокот сочинува само 2% од тежината на телото, но троши дури 20% од вкупната енергија, истакнува Квик. Затоа му е потребно редовно „дополување“.
Тоа не значи дека треба целосно да се откажете од кафе или додатоци во исхраната – но подобро е да ги комбинирате со ваква пауза околу 14 часот: прошетајте, направете лесно истегнување, отворете прозорец и вдишете длабоко, пренесува Индекс.
Еве неколку предлози кои Квик ги препорачува:
- Помрднете се: Кратка прошетка, неколку јога пози, истегнување или дури малку танцување.
- Испијте вода: Чаша обична вода, чај, вода со лимон или електролити.
- Дишете: Неколку минути свесно дишење, отворете прозорец или медитирајте.
Ако знаете дека секој ден околу исто време чувствувате замор, испланирајте ваква пауза однапред – на пример, заедно со паузата за ручек.
Уморниот мозок е бавен, непрецизен и помалку ефикасен. Кратката пауза може да ве „ресетира“, да ви ја врати енергијата и да ви помогне да го завршите остатокот од денот побрзо и со помалку стрес. Затоа, следниот пат кога ќе посегнете по третото кафе – обидете се најпрво со мини-пауза за мозокот. Можеби ќе ве разбуди повеќе од кофеинот.
Comments are closed for this post.