Десетонеделниот Европски филмски предизвик #EuropeanFilmChallenge кој започна на 8ми март, заврши на 17ти мај и го прогласи среќниот учесник со најмногу освоени поени, кој добива можност да отпатува во Кан и билет за црвениот тепих на Канскиот Филмски Фестивал 2021.
Иновативната дигитална платформа, предизвика голем број филмофили да земат учество и да се вклучат во играта за патување во Кан. Учесниците имаа за задача да изгледат 10 европски филмови од репертоарот на телевизија, киносалите или на некоја од легалните видео – стриминг платформи и да соберат што е можно повеќе поени.
Среќниот ФИЛМОФИЛ е Владимир Смиљковски, кој со вкупно освоени 145 поени ја добива прекрасната можност да зачекори на црвениот тепих во Кан. Десетте европски филмови кои му донесоа победа на Владимир се: „Cocoon“, „Another Round“, „Јас сум од Титов Велес“ („I am from Titov Veles“), „Прашина“ („Dust“), „Пред дождот“ („Before the Rain“), „Медена земја“ („Honeyland“), „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ („God Exists, Her Name Is Petrunija“), „Хомо“ („Homo“), „Врба“ („Willow“) и „18% Сиво“ („18% Grey“).
Доколку овој фестивал биде откажан поради ситуацијата со вирусот Ковид-19 или постојат мерки за рестрикција за патување и влез во Франција, победникот ќе добие Home Cinema Experience пакет.
European Film Challenge е млада филмофилска заедница на вљубениците во европскиот филм желни да го доживеат киното од првите редови преку содржини од зад сцената, филмски препораки и ексклузивен пристап до европските филмови и фестивали – Берлинале, Кански филмски фестивал и Венеција филм фестивал.
Проектот во Македонија го имплементира Центарот за социјални иновации Блинк 42 – 21 заедно со европски партнери во 9 држави преку поддршка на програмата на МЕДИА – Креативна Европа и Европската филмска индустрија.
Comments are closed for this post.