По повеќемесечни подготовки, „Скопје Филм Студио“ започнува со снимање на новиот долгометражен игран филм на режисерот Даријан Пејовски, насловен „Мими“.
Ова ќе биде втор долгометражен филм на Пејовски, кој во својата филмска биографија како режисер ги запиша „Три дена во септември“ (2015), неколку краткометражни филмови, а во изминатиот период работеше на ТВ-сериите „Фамилија Марковски“, „Инсајдер“ и „Преспав“.
Во овој филмски проект, режисерот фокусот го става на два женски лика, портретирани од млади македонски актерски таленти, кои ќе имаме можност да ги видиме во филмските кадри поддржани од искусна машка актерска екипа, предводена од Оливер Митковски. Преку разработка на психолошките аспекти на несовпаѓањето со средината и обидите за воспоставување на емоционална рамнотежа во општество базирано на алчност и површност, низ призмата на новите генерации, во стил карактеристичен за Пејовски,„Мими“ претставува повик за освестување на одредени аспекти од личноста на секој еден од нас.
„Мими е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија. Мими е филм за површноста, и лажните фасади што ги покажуваме пред другите“, изјави Даријан Пејовски, режисер на филмот.
Актерската екипа ја сочинуваат: Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Стефан Спасов, Дениз Абдула и Владимир Петковиќ.
Филмскиот проект доби финансиска поддршка од Агенција за филм, а ќе се снима согласно утврдените протоколи за филм и заштита на јавното здравје.
Снимањето, кое официјално започна вчера, на 13 октомври и ќе трае до 16 ноември, планирано е да се реализира на повеќе локации во Скопје.
Comments are closed for this post.