За првпат во Македонија е издаден календар на кој како модели се појавуваат пожарникарите на Бригадата на град Скопје. Оваа идеја се зачна од Михаил Караколев, кој е од еден „спасителите на градот“, па со креативна реализација на уметничкиот фотограф Димитар Апостолов, идејата целосно се реализираше. Календарот ќе биде промовиран на 14 февруари, во пивницата „Колектив“ во 20 часот.

Караколев вели дека ова значи историски подвиг, но и промоција на службата како што досега немало.

Храбар чекор за кој постоеше ризик од неприфаќање на некои стандарди и размислувања за кои Европа и светот одамна стави крај. Ако ме прашувате мене лично не ми е првпат да поместам некои бариери во однос медиумски да прикажам дел од нашата спремност. Овојпат ми се оствари желбата да формирам тим од млади и надежни пожарникари со слични амбиции, се во име на подигање на нашата свест и мотивација како работници, а потоа и промена на размислувањето на дел од масата према нас“, вели Караколев.

Фотографот Апостолов, досега работел и со професионални модели, но ги документирал и обичните луѓе во повеќе концептуални фотографски проекти. Сепак, ова е негова прва работа со ваква служба, а за пожарникарите има само пофални зборови.

Фасциниран сум од нивната љубов кон работата и од тоа колку се подготвени да се жртвуваат за истата. Ваква професионалност и спремност не очекував дека поседува некоја служба кај нас. Михаил ја даде идејата за календарот, мене ми се допадна и решивме да ја реализираме до крај. Мора да се заблагодарам на графичкиот центар „Лонгуров“ од Штип, кои го препознаа овој некомерцијален проект и го поддржаа, а оттука и на „Колектив“ што го отстапија просторот за промоција“, вели Апостолов.

Процесот на работа велат поминал во позитивна атмосфера, со многу идеи, додека тремата од објективот полека исчезнувала.