Со џез концерт на отворено и еден од најголемите класици на немиот филм ТОЛПАТА (THE CROWD) вечерва стартува 11-тото издание на Филозофскиот филмски фестивал. Годинава, за разлика од лани, хибридниот фестивал почнува со мини- концерт во дворот на Кинотеката на С. Македонија, односно во летното кино „Мирно лето“. Вљубениците на добриот звук ќе имаат можност, од 20 часот,  да уживаат во музичкиот  перформанс на YORDAN KOSTOV QUINTET, маркантна и сонично флуентна екипа на млади, но беспрекорно талентирани музичари. Јордан Костов, светски реномиран, македонски џез хармоникаш и мулти-инструменталист, со неговиот квинтет во кој партиипираат партиципираат Андреа Мирческа, Филип Букршлиев, Дамјан Грујо и Драган Теодосие, поголемиот дел од времето го минува патувајќи, компонирајќи и соработувајќи со голем број музичари од светот. З а него, основен услов е да се чувствува слободата на мислата и изведбата, па затоа Yordan Kostov Quintet како избор за концерт за отворање на годинешниот Филозофски филмски фестивал.

По музичкиот перформанс кој свечено ќе го одбележи отворањето на Фестивалот, следува и стартот на Ревијалната програма: Филм-Филозофија со проекцијата на ремек делото ТОЛПАТА (THE CROWD) на Кинг Видор (King Vidor) од 1928-та година.  На рефлексија кон маестралното дело, посетителите ќе ги испровоцира проф. д-р Доминик Шато (Dominique Chateau) од Франција, кој ќе има онлајн излагање со анализа на филмот по проекцијата. Проф. д-р Доминик Шато (Dominique Chateau) е професор емеритус на Сорбона во Париз, чии потесни подрачја на истражување и интерес се естетиката, семиотиката, филозофијата на уметноста и медија студиите, особено филмот. Неговото учество се реализира во соработка со Францускиот институт во Скопје.

Филмскиот класик ТОЛПАТА се вбројува меѓу најдобрите филмови од крајот на ерата на немиот филм, но и еден од општествено најрелевантните филмови коишто кога било се направени. Сагата за Џон и Мери ја прикажува суровата борба на еден млад брачен пар од средната класа да успее во модерниот живот на големите градови. Џон Симс е идеалист кој се преселува во големиот град надевајќи се дека ќе си го исполни младешките соништа и ќе оствари нешто вредно, големо и значајно од својот живот. Но, наместо тоа, безличната егзистенција во големата метропола и суровата реалност на секојдневниот живот се закануваат на секој чекор да го проголтаат, да го претворат во само бројка меѓу толпата…

Приказната која нуди прецизна слика на суровите, безлични аспекти на урбаната егзистенција уште на Првите доделувања на Американската филмска академија во 1929 год. е номиниран за Оскар за најдобар филм, а Кинг Видор за најдобар режисер.

Уживајте во музичко – филмската вечер на отворањето на Филозофски филмски фестивал!

 

* Билетите за секој фестивалски ден ќе бидат достапни на касата на Кинотеката еден ден претходно (еден час пред првата проекција). Влезниците за филмовите од Ревијалната програма и Компетитивната селекција на долгометражни филмови се во висина од 100 ден. Бесплатни ќе бидат проекциите во сегментите Ретроспектива Тарковски во Кинотеката и Компетитивната селекција на краткометражни филмови.

* Кинотечната сала и Летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката ќе функционираат со ограничен капацитет и со почитување на сите ковид мерки. Носењето на маска е задолжително за целото времетрање на проекциите.