По 11-пат претстојникот викенд ќе се одржи традиционалното летно искачување на Титов врв во заедничка организација на Планинарските клубови Тетекс и Јелак од Тетово. Организаторите очекуваат голема посетеност на планинари од цела Македонија.
Акцијата е планирана како дводневна, така што во сабота, доколку има заинтересирани, ќе има организирано ноќевање на Попова Шапка. В недела, во шест часот е планирано тргнувањето со организиран превоз од пред Центарот за култура во Тетово, додека во седум часот од пред платото на хотелот Попова Шапка ќе се тргне кон Титов Врв.
Искачувањето ќе се одвива исклучиво по Вакуфската патека за што двата клуба обезбедуваат водичи и техничка поддршка за време на акцијата. Сите останати кои што нема да се придржуваат кон инструкциите на водичите и поставената патека ќе се сметаат дека не се учесници на настанот и за нив двата клуба не превземаат никаква одговорност, вели Снежана Новаковска од ПК Тетекс
Патеката е со должина од околу 12 километри за што се потребни околу четири часа за искачување.
Патеката е со средна тежина, а имајќи предвид променливата временска прогноза, се препорачува сите учесници да имаат заштита од сонце, ветер и дождливо време. Вода има само на половина пат на местото наречено Казани со што се препорачува секој по сопствена проценка и потреба да си ја планира количината на вода што ќе ја носи со себе. Минималната количина на вода се препорачува да не биде под еден литар, вели Борис Стојановски од ПК Јелак.
Сите заинтереирани планинари пожелно е да го пријават своето учество кај организаторите, односно планинарските клубови Тетекс и Јелак, заради успешно организирање на настанот.
Comments are closed for this post.