Министерката за култура Ирена Стефоска денеска учествуваше на Седмата министерска конференција на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа – Јакнење на културата во функција на одржливиот развој, која, поради пандемијата на Ковид-19, се одржа онлајн.
Домаќин на Министерската конференција беше Министерството за култура и спорт на Република Грција, коe во изминатиот период претседаваше со Советот.
Министерката за култура Стефоска во своето обраќање изрази благодарност до домаќините и истакна дека е ова одличен повод да се нагласи заедничката посветеност за понатамошно унапредување на регионалната и мултилатералната соработка во областа на културата и културното наследство како движечка сила за дијалог, креативност и кохезија на регионот.
Таа нагласи дека Македонија, како и другите земји во светот, ги усогласи својот социјален и културен живот за да се справи со предизвиците што ги наметна глобалната пандемија.
Овие нови предизвици ни овозможија да започнеме да гледаме на културата повеќе како екологија, отколку само како економија, и да започнеме со преиспитување на старите модели на креативен пристап и државна поддршка. Меѓутоа, во овој поглед, сè уште имаме многу повеќе да работиме и да учиме едни од други, додаде Стефоска.
Министерката за култура информираше дека како дел од сеопфатните државни пакети за поддршка, беше обезбедена поддршка за културните работници, вклучително, и за прв пат, за независните уметници.
Паралелно со осигурувањето дека културните работници можат да продолжат да творат, Македонија ги продолжи системските реформи, фокусирана кон нова стратегија и законска рамка за заштита на културното наследство, рече Стефоска.
Таа ја нагласи и важноста на културата како главна алатка која им помага на луѓето да се справат со последиците од глобалната пандемија и рече дека културата мора и треба да биде движечка сила која ги отвора границите што ги затвори вирусот.
На Конференцијата беше истакнато дека како дел од процесот на интеграција во ЕУ, Северна Македонија е посветена на спроведувањето на Агендата на ЕУ за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт. Беше споделено и дека Министерството за култура на Македонија ја изрази својата подготвеност да учествува во новата Програма за Креативна Европа 2021 – 2027 година.
На Конференцијата беше поздравена и иницијативата за формирањето на Регионалниот фонд за културна соработка, како сериозен механизам за практично унапредување на регионалната соработка.
Comments are closed for this post.