Скопје денеска трета година по ред ќе биде дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlemans Ride“ чија цел е да се подигне свеста кај мажите за сопственото здравје и да се соберат финансиски средства за борба против ракот на простатата.

Скопјани ќе имаат можност да видат 126 урбани моторџии облечени во елегантна облека и уникатни мотори кои ќе дефилираат низ градските улици. Покрај хуманата димензија на настанот, се промовира и еден урбан начин на облекување кај мажите, а од друга страна се уриваат стереотипите дека моторџиите се неуредни, создаваат бучава и имаат бунтовничко однесување.

 Пред две години имавме околу 80 учесници, лани околу 110, а годинава се очекуваат повеќе. И првата и втората година имаше огромен интерес, но моравме да поставиме лимит како организатори за настанот да биде безбеден, изјавија неодамна за МИА Игор Стефановски и Благоја Петровски, креатори на идејата Скопје да стане дел од ова движење.

Движењето почна во 2012 година во Сиднеј кога Марк Хава облечен во фин машки костум заедно со свои пријатели одлучи во чест на негов пријател кој не ја доби битката со ракот на простата да продефилира низ улиците.

Годинава, околу 85 илјади лица ќе бидат дел од светското движење кое ќе се одржи во 95 држави. Собрани се 4.072.787 долари кои ќе бидат наменети за фондацијата „Мовембер“ за истражувања и програми за рак на простатата и останатите машки болести. Од појавувањето на движењето досега собрани се повеќе од 16 милиони долари.

Настанот се организира секогаш во последната недела од септември според одредени правила и мора да има одлики кои се специфични за самото движење, како уникатни мотори и елегантен дрес-код составен од палто, вратоврска, елек, елегантни чевли и задолжително кацига за безбедност.