Од 442 пристигнати дела на 316 автори од земјава, стручното жири на конкурсот „Современи бајки од Македонија“, што го реализираа Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, ги избра најдобрите четири. Тоа се бајките „Перуника“ од авторот Дејан Сибиновски, „Бакнежот на пролетта“ од авторката Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова. Секој од нив ќе биде награден со парична награда од по 25.000 денари.

Сите пристигнати авторски дела на конкурсот беа нумерирани и анонимно оценувани од независна комисија, а финалниот избор го направи стручното жири составено од писателката Оливера Николова и професорката Нина Атанасова-Шкрињариќ.

Кога ни беше дадена довербата да читаме и да оценуваме бајки од конкурсот, не ни претпоставувавме дека, всушност, ни се дава ретка шанса одново да обновиме некои подзаборавени чувства од сопственото детство. А ниту малку не беше лесна задачата да се изберат најдобрите, истакна писателката Оливера Николова.

За својот впечаток во овој проект проф. д-р Нина Атанасова-Шкрињариќ вели:

Чест беше да се биде дел од најбајковитиот конкурс. Бајките се раѓаат на различни начини и остануваат долго во човековата меморија, а ние се уверуваме дека бајки се раѓаат и на вакви конкурси.

Новото издание „Современи бајки од Македонија“ следува по големиот успех на претходните изданија „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“, кои исто така беа заеднички проект на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

Почнавме со идејата македонското национално творештво да го доближиме до новите генерации, во модерна форма и израз, да направиме наш бренд, наши јунаци, да се читаат наши бајки. Издадовме 54 „Бајки од Македонија“, дел од нив се преведени на седум јазици, Брајово писмо, наградувани во светот и дома, но најважно е дека се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. Ја исполнивме првичната цел – македонското национално творештво да добие свое место кај новите генерации, преку креативен пристап. Сега е време да создадеме нова историја, бајки на оваа генерација, современи бајки од Македонија, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.

Наградените бајки ќе бидат издадени како илустрирани сликовници, а илустраторите ќе бидат избрани на посебен конкурс што ќе биде распишан во јануари 2021 година. Преостанатите пристигнати авторски дела што имаат литературна вредност и квалитет ќе поминат уште едно ниво на селекција и ќе им биде понудено објавување во рамките на посебни изданија и едиции.

Големиот интерес на авторите за овој жанр позитивно нè изненади. Воопшто не беше едноставно да се селектираат и да се проценат толкав голем број пристигнати дела, а голем дел од нив се со висок квалитет и потенцијал. Затоа размислуваме, покрај четирите избрани дела што ќе бидат издадени, во следниот период дополнително да издадеме и дел од другите материјали што беа дел од конкурсот. Се разгледуваат можностите и наскоро ќе ја информираме и јавноста и авторите кои учествуваа на конкурсот, истакна Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“.

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чијашто цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање на силни национални брендови, го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг-индустрија – Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше огромна поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.