Ракописот „Капетаните” на авторот под шифра „Мисија” е избран за најдобар на конкурсот за најдобра поема за 2020 година што се доделува во чест на ликот и делото на големиот охридски поет и преродбеник Григор Прличев.
Жири комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев” што ја доделува НУ Центар за култура „Григор Прличев” од Охрид во состав Маја Јакимовска-Тошиќ, Славчо Ковиловски и Весна Мундишевска-Велјановска едногласно ја одбра поемата „Капетаните” како најдобра на годинешниот конкурс.
Во образложението на одлуката тие посочуваат дека „Капетаните” претставува еден вид посвета на Прличевиот поетски подвиг, поема конструирана низ своевиден паралелизам преку композициска, структурна, поетичка и содржинска аналогија со поемата „Сердарот” на Прличев.
Содржински и структурно се работи за целина, обединета околу централниот настан (погибијата на главниот јунак капетанот Бојан и единствен син на скршената мајка Пејка, како аналогија на настанот и на ликовите со Прличевите Кузман Капидан и Неда), која композициски достигнува цврсто интегративно рамниште. Дејствителните сегменти се поделени во осум ненасловени делови. Во поемата се согледува суптилноста на авторот/ката во разоткривање на тематската целина, која комуницира со Прличевата поетска постапка уште со воведот најавен во духот на словенската антитеза, што се протега низ првите четири катрени во 16 стихови, понатаму во еднаквиот број на испеани стихови – 912 кои се поклопуваат со бројот на стиховите во „Сердарот”, римувани претежно вкрстено и паралелно иако не секогаш крајно доследно, се наведува во образложението.
Наградата најдобра поема на лауреатот традиционално се доделува во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи” што секоја година се одржува на почетокот на февурари кога се одбележува годишнината од смртта на Прличев, а истовремено се чествува неговиот лик и дело.
Comments are closed for this post.