Од 25 јануари до 5 февруари ќе се одржи првата онлајн Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура наведува дека е една од релевантните институции што се дел од националната платформа за одбележување на јубилејот, а целта на платформата, иницирана од министерствата за култура и за образование и наука е да се усогласат сите проекти и настани предвидени на национално и на меѓународно ниво во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески (1921-1993).
Првата зимска школа што ќе се одвива секој ден по четири часа е вистински влог во отпочнување на прославата на големиот јубилеј -100 години од раѓањето на Конески, соопшти МСМЈЛК.
На зимската школа ќе учествуваат 52 учесници од 16 земји – БиХ, В. Британија, Грција, Италија, Канада, Косово, Полска, Русија, САД, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка. За наставата се ангажирани се лектори (предавачи и професори) со долгогодишно искуство.
Организирани се лекторски групи за сите нивоа (почетно, средно и напреднато што ги има и своите поднивоа, за јазик, за литература и за преведување), соопшти МСМЈЛК.
Организаторот најави дека на отворањето на првата зимска школа ќе има видеообраќања на претседателот Стево Пендаровски, на министерката за образование и наука Мила Царовска, на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Никола Јанкуловски и на директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Весна Мојсова-Чепишевска.
Comments are closed for this post.