Писатели, преведувачи, драматурзи, поети, илустратори, уметници на графички новели и стрипови од земјава, Албанија, Косово, Србија и Турција можат да се пријават за проектот „Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД)“.
Станува збор за регионален проект финансиран од ЕУ со цел да им овозможи на граѓанските активисти од регионот да придонесат кон интеркултурната толеранција и зајакнување на демократските вредности, со посебен фокус на младите. Проектот го имплементираат Гете-институт Скопје заедно со партнерските организаци: Асоцијација Крокодил (Србија), Центар за балканска соработка – Лоја (Северна Македонија), Институт за книги и промоција (Албанија), Калем културна асоцијација (Турција) и Центар за мултимедија (Косово).
Станува збор за РЕАД резиденцијален програм и во текот на едномесечниот престој авторите ќе можат да размислуваат и творат на тема помирување и културна разновидност. Резиденцијалниот престој ќе го организираат проектните партнер – организации од петте земји. Секоја организација ќе прими два автора во текот на годинава.
Можат да се вклучат млади автори, како и веќе етаблирани и автори со поголемо творечко искуство. Еден од критериумите за пријавување е авторот да има издадено најмалку две сопствени книги/дела или два преводи. Апликантите мора да се жители на една од наведените земји. Резиденциите ќе се одржуваат во периодот од мај до декември 2021 година.
Од избраните автори ќе се очекува да бидат продуктивни во текот на резиденцијалниот престој. Покрај работата на пообемниот проект, со кој ќе аплицираат, се очекува целосно да завршат и едно пократко дело (текст, есеј, поема, кратка приказна, статија, стрип), поврзано со општата тема: „Различноста на сличностите“, придонесувајќи кон помирување и меѓукултурна толеранција. Покрај пишувањето, творењето и преведувањето, од авторите ќе се очекува да учествуваат во работилници, да прават презентации (некои од нив може да се дел од мобилната библиотека), активно да учествуваат на литературните фестивали на партнерските организации, да одржуваат јавни литературни читања итн.
Документацијата за пријавување треба да биде на англиски јазик. Рокот за пријавување е 29 април годинава. За авторите од земјава, пријавувањето е на е-маил: lojaculture@gmail.com
Организациите домаќини ќе обезбедат сместување, покривање на патните трошоци за авторот и стипендија за секојдневните трошоци од 1.350 евра (бруто износ). Повеќе информации за стипендијата и како да се пријават заинтересираните може да се најде на следните линкови: https://www.goethe.de/ins/mk/mk/kul/sup/rea.html https://www.facebook.com/readregionalnetwork https://www.instagram.com/read.culturaldiversity/
Comments are closed for this post.