Коалиција Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација ја поднесоа првата тужба против учебник од високо образование врз основа на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација.

Тужбата е за утврдување на дискриминација во учебникот „Основи на персонологијата 2“ од проф. д-р Благоја Јанаков, кој се користи во наставната програма на Филозофскиот факултет при УКИМ.

Вознемирувачките содржини вклучуваат: обвинување на жените за зголемениот број на разводи, осуда на прекинувањето на бременоста и квалификувањето на истополовите партнерства како забеганост. Бараме оваа содржина да биде отстранета и заменета со современа и научно-заснована содржина, велат од Коалцијата Маргини.

Институциите имаат обврска да обезбедат образование насочено кон целосен развој на личноста и кон зајакнување и почитување на човековите слободи и права, поради што мора да биде ослободено од сите форми на дискриминација.

По неколку обиди да го привлечеме вниманието на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Филозофскиот Факултет и на авторите на спорните учебници кои се дел од наставната програма на оваа единица, и да побараме повлекување на спорните содржини, наидовме на отпор и игнорирање на нашите барања. Дополнително, споменатиот автор на учебникот е веќе професор во пензија, но неговите спорни учебници сѐ уште се користат во наставата на овој факултет, се вели во соопштението на Коалцијата Маргини.

Од Коалцијата Маргини велат дека покрај судската постапка, започнуваат со серија активности за подигнување на свеста на стручната и општата јавност за потребата од реформи во образованието со кои ќе се обезбеди квалитет во знаењата, напредок во науката и создавање нови генерации на вистински професионалци кои во својата професија ќе се водат од фактите, а не од предрасудите.

 

📢 Коалиција Маргини и Мрежа за заштита од дискриминација ја поднесоа првата тужба против учебник од високо образование…

Posted by Коалиција Маргини on Wednesday, December 9, 2020