По пауза од 13 години синоќа во Македонска Каменица повторно беше прикажан филм во новата кино сала во градот. Љубителите на филмската уметност имаа можност да го видат филмот „Исцелител, македонскиот игран филм во режија на Ѓорче Ставрески.
Директорот на КИЦ „Романса“ од Македонска Каменица, Горан Огнановски, на чија иницијатива се реализираше кино проекцијата, изрази задоволство од посетеноста на публиката во рамки на синоќешната кино претстава.
По 13 години во Каменица повторно се прикажува филм. Идејата на мене како директор е да ја оживееме филмската продукција и прикажувањето на филм. Се радувам што еве на првата проекција има заинтересираност од каменичани и граѓаните од околните места. Се надевам дека ќе продолжиме да ја реализираме идејата за прикажување на филмови два до три пати во месецот со тоа што ќе понудиме добра филмска понуда која ќе ги привлече посетителите во нашата кино сала, рече Огнановски.
Како што информираше Огнановски, културните активности во Македонска Каменица продолжуваат и во делот на театарската уметност. На 25 септември 2018 година. исто така во кино салата во Македонска Каменица ќе биде прикажана комедијата „Вдовицата се мажи“, театарска претстава во изведба на театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес
Comments are closed for this post.