Деновиве во реномираната издавачка куќа „ПНВ“ публикации од Скопје, од печат излезе новата збирка песни на истакнатиот македонски писател Зоран Пејковски од Битола, насловена како „Светлина“.
Збирката песни „Светлина“ поделена е во четири циклуси. И тоа: „Записи во книгата на ангелите“, „Пролетта што нема да дојде“, „Вакуумот на универзумот“ и „Помен во чест и спомен“, во кои циклуси се наоѓаат 31 песна која композициски се поставени да длаби сѐ подлабоко во чувствата на човекот, на читателот затоа што оваа збирка песни е посветена на неговиот прерано починат внук Илија Плевнеш (36 години.).
Рецензент на оваа збирка песни е познатиот и вонвременски поет Славе Ѓорѓо Димоски, кој својата рецензија ќе ја наслови: „Никој не излекувал тага“. Всушност, тој во својата рецензија ќе напомене дека:… „Стихов извлечен од книгата „Светлина“ од Зоран Пејковски наведува на традиционалните македонски тажаленки во кои низ неизлечливата тага се бара лач светлина која ќе го осветлува ликот на оној кој и самиот се претворил во ѕвезда светлина.
Светлина е она уточиште, онаа нишка со која се врзува суровата стварност со вечноста, а притоа да не се угаси вечниот оган на сеќавањето, бидејќи свеќите догоруваат, но нивниот пламен го осветлува бескрајот кој, народски кажано, е ДУША. Вечнаја памјат“…..
Инаку, оваа збирка песни во книжевно-драмски, поетски, прозни и публицистички остварувања на Пејковски ја достигна бројката од 51 книжевно дело, така што, за него се вели дека е еден од поплодните и поангажираните писатели во македонската литература, бидејќи неговиот дијапазон на творештво е различен. Тој е добиник на повеќе домашни и странски награди и признанија.
Comments are closed for this post.