Неодамна, во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, излезе книгата „Григор Прличев и неговиот ХIХ век“ од Вера Сточевска-Антиќ и приредувачот Милчо Јованоски.
Книгата со својата содржина е особено актуелна денес. Познато е дека доменот на научни истражувања на авторката, проф. д-р Стојчевска-Антиќ, се движи од IX до XIX век. Колку што биле силни и значајни тие почетоци во IX век, толку на одреден начин останале недоволно идентификувани во XIX век. Таа и во овој труд ги бара постојните преоди на нашиот јазик од времето на старословенскиот литературен јазик, кој во разните словенски средини преминува од XII век во црковнословенски за да се дојде до XIX век со потреба од изразување на сопствен литературен јазик, поинаков од бугарскиот, од српскиот, а разбирливо тоа е евидентно и со грчкиот јазик.
„Григор Прличев е најочевидниот пример на интелектуалец од Охрид, кој во својот постепен и длабок развоен пaт, од детството до знаменит втор Хомер во Атина, за да дојде до сознание дека еден општословенски јазик е за него добредојден, појасно од употребата на бугарскиот јазик. Во суштина тој одлично го говори својот мајчин охридски дијалект, но ја чувствува потребата за еден општословенски јазик, кој сака да го поврзе со вековното влијание на словенскиот развоен пат на јазикот, поточно поврзан уште со времето на Климента, како еден вид измислен од него литературен јазик. Пред него и денес горат безбројни кандилца во Охрид. Толку е длабок Климентовиот култ во Охрид и денес. Вера Стојчевска-Антиќ запира и на заедничките мотивации за создавање слова, особено влијанијата на св. Клиемт Охридски врз одредени слова на Григор Прличев, кои се мотивирани од заеднички извори“, вели рецензентот, проф. д-р Георги Сталев, еден од најдобрите познавачи на животот и делото на Прличев кај нас.
Покрај 12 труда од д-р Стојчевска-Антиќ, книгата содржи и автографски записи, документи, мислења од охридскиот новинар Милчо Јованоски. Тој изнесува податоци и слики за куќата и гробот на Григор Прличев, за семејното стебло (првпат во печатена форма), за најастарите македонски изданија на негови значајни дела, филмови за Прличев, Прличевите визити, добитниците на наградата за најдобра поема…
Плановите се книгата „За Прличев и неговиот XIX век“, посветена на патронот на НУ Библиотека во Охрид, да биде промоворана на почетокот од февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“. Нејзиното издавање финансиски е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид.
Comments are closed for this post.