Премиерот Зоран Заев зедно со министерката за култура Ирена Стефоска извршија обиколка и се информираа за динамиката на реконструкцијата на Офицерскиот дом во Битола, кој доби нов лик , со целосно задржани културно – историски специфики.
Како што соопшти владината прес-служба, при увидот, премиерот и министерката беа информирани дека по успешно подготвената проектна документација за објектот, ентериерното уредување е во завршна фаза и дека во Предлог-буџетот, кој треба да биде усвоен од Советот на Општина Битола, локалната самоуправа предвидува средства и за завршување на партерното уредување околу Офицерскиот дом.
На средбата беше констатирано дека овој објект е од големо значење за битолчани и дека неговото постоење е совршен спој на минатото и сегашноста, на културата, традицијата и историјата. Започнат во времето на Отоманската империја и изграден за време на српското владение на овие простори во 1919 година, Офицерскиот дом, кој се користел за балови, а има најсоодветна акустична сала за концерти ќе биде ставен во функција во 2021 година.
На одржаната презентација беа конкретизирани одредени намени на објектот и неговата околина, во однос на функционалноста и одржливоста, кои понатаму се доработуваат и преку проектната документација ќе бидат доставени до Светска банка и делегацијата на ЕУ, се наведува во соопштението.
Офицерскиот дом се реконструира со средства кои Општина Битола, на иницијатива на градоначалничката Петровска, ги обезбеди со изготвениот проект за кој доби подгрант средства од Европската Унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија (администриран од Светска банка).
Comments are closed for this post.