Македонски народен театар доби финансиска поддршка од програмата Креативна Европа, на Европската унија за долгорочниот проект „Патиштата на хероите”, комплексен проект со времетраење од две и пол години, чиј почеток се очекува во февруари годинава.
Покрај МНТ како главен партнер, вклучени се уште 6 организации од кои една од Македонија (Издавачка куќа Гаврош) и 5 од другите партнерски земји Италија (Ла Драматурџи), Грција (Лооп Амке), Босна и Херцеговина (Студио Театар), Словенија (Институт за театарска игра) и Србија (Ехо Анимато). Како финален производ на проектот, во 2022 година, ќе биде премиерата на копродукцијата „Народен непријател“ на Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ во која ќе учествуваат автори од сите партнерски земји, а во изведба на актери од ансамблот на МНТ.
Нашиот проект е составен од различни креативни програми, меѓу кои најважна за Македонскиот народен театар е продукцијата на претставата „Народен непријател“, но има и работилници за млади креативци, работилници за учесниците во проектот коишто ќе се одржат во Словенија, книги за деца, видео интервјуа со луѓе кои се мали но значајни чинители на промени во општеството. На тој начин структуираме еден проект чија цел е да фрли светлина врз оние кои со своето делување во рамките на заедницата во која живеат прават можеби мали но значајни промени кон подобрување на амбиентот во кој живееме. Критички сме настроени кон оние што се икони без причина, ние сакаме да фрлиме светлина на оние што се икони со причина, кои нудат излез од оваа криза, особено од амбиентот на загаден воздух, не само во Македонија, туку и во повеќето партнерски земји како Босна и Херцеговина, Србија и коишто имаат за цел да се обидат по потешкиот пат да реагираат и придонесат за индивидуално делување која ќе ја спречи таа апатија во која живееме а за која не сме свесни“, вели за Утрински брифинг Нина Николиќ, театарска режисерка.
Comments are closed for this post.