Владата го задолжи Министерството за култура да изврши исплата на вкупно  29.519.658  денари за проекти од областа на фолклорот, музичката и музичко-сценската дејност и интердисциплинарните проекти за 2020 година откако денеска на седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за утврдената фактичка состојба од извршениот преглед и контрола на проекти избрани на годишните конкурси за финансирање  проекти од национален интерес.

Како што соопшти владината прес-служба, ќе бидат исплатени корисниците кои согласно извршената контрола и проверка имаат доставено комплетна документација и доказ за реализиран проект.

– Министерството за култура во законски уредена постапка и по спроведен инспекциски надзор од страна на Секторот за управен и инспекциски надзор при министерството ќе ги раскине договорите со оние корисници кои согласно извршената контрола и проверка немаат доставено комплетна документација и доказ за реализиран проект и ќе бара враќање на уплатените средства, наведува Владата во соопштението.

Во рок од пет дена од денот на усвојувањето на оваа информација, Министерството за култура треба да  ги информира Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување корупција и Управата за финансиска полиција со цел, согласно своите законски надлежности, да извршат контрола на работењето на Министерството за култура во делот на законската основаност на склучените договори и анекси на договори на 24 јули 2020 година.

На денешната, 71-ва седница, Владата усвои Одлука за одобрение за вршење  високообразовна дејност на странска високообразовна установа – Великотрновски универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија, на територијата на Република Северна Македонија.