Деновиве, реномираниот музички издавач Hofmeister ја објави едицијата Three Macedonian Pieces for solo double bass (Cincievski / Temkov) – „Три македонски пиеси за соло контрабас“ (Цинциевски / Темков). Нотната едиција вклучува три авторски дела/транскрипции за контрабас: Тешкото за контрабас од македонскиот композитор Дамјан Темков, Евгенија (Варијации на македонска фолк тема Бор садила мома Евгенија) од Ѓорѓи Цинциевски и Касапско оро во транскрипција на Цинциевски.
Ова е прв пат во македонската музичка историја, македонски дела за соло контрабас да бидат издадени од страна на една од најпрестижните светски издавачки куќи.
Во описот кон изданието е наведено следното: „Македонската традиционална музика е позната по својата комплексна ритмичка структура и модална хармонија. Таа опфаќа широк спектар на ритмичка комплексност, која може да се подели на три вида: староградски (претежно народни песни), оро (традиционален кружен танц) и чалгија (стар рурален стил од времето на Отоманската империја). Изданието „Три македонски пиеси за соло контрабас” има за цел да ја афирмира фолклорната музика од Македонија и да ја збогати постоечката литература за овој инструмент.
Инаку, ова е петто издание на транскрипции/дела за контрабас на Цинциевски од страна на Hofmeister, едиции достапни преку http://www.hofmeister-musikverlag.com во целиот свет. Оваа престижна музичка издавачка куќа досега има објавено четири едиции со негови транскрипции за контрабас на дела од Јохан Себастијан Бах, Сергеј Рахмањинов, Дејвид Попер и Јоханес Брамс.
Уметничката соработка помеѓу Ѓорѓи и Дамјан трае долги години каде повеќе дела на Темков како „Охридска пастрмка“, „Introduction and the Tins Dance” и Соната за контрабас и пијано, Цинциевски ги има изведено на бројни меѓународни концерти и фестивали во Кина, Полска, Малта, Италија, Германија и други земји.
Ѓорѓи Цинциевски студиите по контрабас ги завршува со најголеми почести на престижниот музички колеџ Royal Northern College of Music во Велика Британија, каде подоцна станува најмладиот асистент по контрабас. Учествувал на престижни фестивали и бил дел од голем број оркестри ширум светот, каде настапувал со некои од водечките солисти и диригенти на денешницата. Освен како активен солист, тој е посветен и на едукативна работа, одржувајќи бројни мастер класови, работилници и солистички концерти во 67 земји низ светот. Цинциевски е уметнички директор на манифестацијата „Меѓународни денови на контрабасот“ и првиот солист поддржан од Pirastro Strings во Малта. Автор е на бројни успешни транскрипции за контрабас, од кои дел се наградени и изведени низ целиот свет. Ѓорѓи е водач на секцијата контрабаси на Филхармонискиот оркестар на Малта.
Дамјан Темков дипломира (2006, класа на проф. Гоце Коларовски) и магистрира (2012) на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во 2007 станува најмладиот член на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ. Работи како наставник по музика во ДМУБЦ „Илија Николовски – Луј“. Како професор, Темков е редовен член во различни жирија и стручни комисии, а неговите ученици се редовни наградувани со високи признание на натпреварите по музика. Аврот е на соло, камерни, симфониски и хорски дела, кои се изведувани ширум светот: САД, Кина, Германија, Англија, Италија. Делата на Темков се дел од редовниот репертоар на фестивалот „Денови на македонска музика“ и на Македонската филхармонија. Темков е ко-автор на мултикултурниот хорски проект „Симбиоза“, поддржан од Civica Mobilitas и Амбасадата на САД. Во 2019 година во издание на СОКОМ беше објавен првиот компакт диск со негови дела насловен „25,713“.
Comments are closed for this post.