Бројот на туристите кои го посетиле Крушево расте и е забележано зголемување уште во првите два месеца од оваа година во споредба со 2018 година.
Според информациите од крушевската локална самоуправа и според уплатената туристичка такса, во првите два месеца од годинава изнесува 13 отсто повеќе, а поголем пораст е забележан во февруари, и тоа од 32 отсто во споредба со истиот месец лани.
За крушевскиот градоначалник Томе Христоски тоа укажува дека се зголемиле настојувањата на општината да ги привлече посетителите.
-Порастот во бројот на туристи во февруари од над 30 отсто кажува дека нашата заложба за продолжување на туристичката сезона дава резултати и Крушево не е посетено само во јануари и летните месеци, туку и останатите месеци во годината. Оваа зима и временските услови нѐ послужија, имавме многу снег што беше еден импулс за привлекување на туристите. Голем удел има и фактот што има повеќе настани атрактивни за посетителите, како што е, на пример, зимското издание на „Кога си во Крушево” (When in Krusevo)”, вели Христоски.
Уште еден показател дека посетеноста се зголемува во текот на цела година е дека во април 2018 година Крушево забележа 46 отсто повеќе посетители во споредба со истиот месец 2017 година. Благ пораст во бројот на посетителите има и во септември, октомври и во ноември.
Comments are closed for this post.