Некому можеби звучи неверојатно, но постојат луѓе што се повозбудени околу Виенскиот новогодишен концерт, отколку за дочекот на Новата година.

Оваа година Виенската филхармонија ќе биде под диригентската палка на Германецот Кристиан Тилеман. Од 2000 година тој е музички партнер на Виенската филхармонија, но ова ќе биде негово прво учество на престижниот концерт, кој ќе се пренесува во преку 90 земји, а се проценува дека ќе го гледаат преку 40 милиони телевизиски гледачи ширум светот.

Првиот Виенски новогодишен концерт е одржан на 31-ви декември во 1939 година.

Програмата на концертот уште од првото издание е посветена на делата од династијата Штраус – Јохан Штраус постариот, Јохан Штраус помладиот, Едуард Штраус и Јосеф Штраус.

Концертот нестрпливо го очекуваат дури и оние кои не се големи љубители на класичната музика и знаат да заплескаат на традиционалниот завршеток во ритамот на Маршот Радецки од Јохан Штраус, кој за првпат е изведен во 1945 година а по неколку години станува задолжителен дел од бисот и крајот на концертот.

Виенскиот новогодишен концерт се одржува во големата сала на Виенскиот Мусикфераин (Виенското музичко здружение), која е дом на Виенската филхармонија. Прекрасните балетски точки пак се изведуваат од Виенската државана опера и балет, а од 1980-та традиционално, цвеќињата за украсување на салата ги подарува градот Санремо од Италија.

Интересот за овој настан е толку голем што билетите се добиваат по пат на извлекување. Пријавувањето за извлекувањето за следниот концерт ќе се одвива од 2-ри до 23 -ти јануари. Среќниците кои ќе бидат извлечени ќе треба да одвојат помеѓу 30 и 940 евра за еден билет за утринскиот новогодишен концерт.

Традиционално, дел од остварените приходи се издвојуваат во добротворни цели. Инаку, поради својата ексклузивност, а од друга страна и популарност, секогаш билетите се распродаваат експресно брзо.

Инаку, се одржуваат уште два вакви концерти, еден на 30-ти декември наутро, а вториот на 31-ви декември. Најскапите билети за нив чинат од 380 до 720 евра.