Како дел од програмата на шкотскиот поетски фестивал СТАНЦА, на 9-ти март годинава ќе се одржи преведувачка работилница „Најдено во преводот: Од Станца до Скопје“ на која ќе учествуваат британските поети преведувачи Питер Мекај и Танија Хершман, како и македонските поети Катица Ќулавкова, Митко Гогов. Во текот на шест месеци од 2021 година, со помош на преведувачот Никола Ѓелинчески ќе работат заедно на создавање подобри преводи и нови креативни верзии на нивното творештво. Придобивката на дигиталното работење е тоа што поетите можат да се зближат и да соработуваат на подолг временски период.
На овој настан ќе бидат претставени преводите од нивната прва креативна работилница, проследени со дискусија за процесот на пресоздавање.
Проектот на преведувачката работилница е организиран во партнерство помеѓу Шкотскиот меѓународен поетски фестивал СТАНЦА од Сент Ендрјус и Интернационалниот поетски фестивал ЕКС ЛИБРИС Скопје. Овој партнерски проект е поддржан од програмата на Британскиот совет за финансирање меѓународни проекти од полето на книжевноста.
Заради кризата со ковид-19 и овогодишното издание на Станца ќе се одржи онлајн, па гледачите ширум светот ќе можат да ги погледнат над стотина настани кои вклучуваат читања, изведби, разговори, филмски и видео проекции, настани за деца како и низа изложби и инсталации. Како дел од официјалната програма на фестивалот се одржуваат и настани од полето на музиката, театарот и танцот.
За жал, ниту проектот за преведувачката работилница, ниту самиот Интернационален поетски фестивал ЕКС ЛИБРИС Скопје 2021 не беа поддржани во Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година.
Оваа меѓународна соработка ќе ѝ овозможи на македонската публика да ѝ бидат претставени врвни светски поетски имиња, но и да овозможи и поширока рецепција на македонската поезија во светот.
Comments are closed for this post.