Одамна постои натпревар за највисок хотел во светот, но некои претприемачи бараат и алтернативни начини за да го привлечат вниманието на своите клиенти предлагајќи им височината да ја заменат со длабочина.
Таков е случајот со новоотворениот „Интерконтинентал Шангај андрленд“-првиот подземен хотел од ваков вид. Се наоѓа во градот Сонгџанг на 35 километри од Шангај. Официјално вратите за своите гости ги отвори само пред неколку дена.
Неговата изградба траела 10 години и чинела близу 288 милиони долари. Хотелот е изграден на длабочина од 88 метри и едната страна му се наоѓа во напуштен каменолом, а друг дел се наоѓа под вода. Каменоломот престанал да работи во 2000-та година, по воведувањето на нова регулатива за заштита на животната средина. Претходно бил експлоатиран, главно во текот на Втората светска војна.
Од неговите вкупно 18 ката, 16 технички се наоѓаат под земја. Два од нив, пак, се под вода и на гостите им даваат можност да уживаат во подводната глетка, а највисокиот кат е на нивото на земјината површина. Благодарение на геотермалната и на сончевата енергија, објектот самиот произведува струја, греење и осветлување.
Хотелот располага со 337 соби и апартмани и престојот во нив чини одм 489 до 546 долари. Според сопствениците, објектот може да издржи земјотрес со јачина од 9 степени според Рихтер.
Comments are closed for this post.