Денеска во Драмски театар, премиерно ќе се изведе претставата „Хипноза на една љубов“, по текстот на Душан Ковачевиќ, во режија на Димче Николовски.
Премиерата е од 17:30 часот. Нередовниот термин се должи на препораката од Комисијата за здравство за непотребно излегување надвор по 21 часот, велат од Драмски.
Ова е најнов текст на српскиот писател, кој досега бил изведен само во неговиот матичен театар, Театар Звездара во Белград.
Текстот ‘Хипноза на една љубов’ би можел да се нарече бајковита, тажна, магична комедија. Сите ликови се добри, поточно добронамерни. Тој дел ја прави приказната бајка. Тагата која ја носат ликовите е од нивната осаменост, затоа што нивните деца си заминуваат од дома и одат во туѓина. Она што овој текст го прави магичен е што авторот ја пренесува болката така што гледачот го тера да се насмее, вели директорката Катарина Коцевска-Хаџи Василева.
Играат: Драган Спасов-Дац, Маја Вељковиќ-Пановска, Соња Стамболџиоска, Ѓокица Лукаревски, Димитрије Доксевски и Филип Трајковиќ.
Comments are closed for this post.