Еден од најлековитите и најароматичните чаеви на овие простори расте во планинските предели над село Габрово. “Влаина” е пребогата со лековитата билка која поради близината со село Габрово е наречена “Габровски чај”. Фармацевтскиот назив на чајот е познат по латинското име „Satureja subspicata variеtet Macedonicca“. Додавката му ја даде прим. мр Илчо Захариев кој за габровскиот чај вели дека е еден од најароматичните чаеви на овие простори.
Додавката „Varitet Macedonicca“ е поради тоа што чајот расте и на бугарска територија и таму фигурира под називот „Varitet Bugariccа“, инаку да кажам дека тоа е многу автентичен чај, расте на карпестите предели каде има карбонатни карпи. Може да се најде на пазарот во Делчево, најчесто е врзан во снопчиња, а го продаваат голем број на луѓе од Ветрен и Габрово. Чајот претставува едно од нашите најароматични растенија, има многу етерно масло, концетрацијата на етерно масло се движи од 0,5 до 2 проценти. Јас вршев испитување на тоа растение во „Алкалоид“ и при самите испитувања покажавме дека поароматично растение од тоа нема, истакна прим. мр Илчо Захариев.
Според прим. мр Захариев, габровскиот чај е природен антибиотик и лек за многу болести.
 Во етерното масло на чајот има две хемиски соедниненија деривати на фенол, тоа се тимол и карвакрол кои во етерното масло ги има над 50 проценти, а тие се природни антибиотици и фитонциди. Лековитите својства на чајот имаат широк дијапазон, лекува градни болести, воспаление на грло, воспаление на жлебините, го подобрува имунитетот, со еден збор кој го пие во зимно време има многу мали шанси да се разболи од грип и сезонски респираторни заболувања. Цветовите на чајот може да бидат и бели и виолетови, но и црвени, со текот на времето тие оксидираат така да кога ќе го направите чајот тој може да има жолтеникаваа боја, па таа темнее но неговото лековито својство е огромно. Мора да го зачуваме чајот за идните генерации бидејки тоа е вариетет кој го има само таму, вели еден од најголемите познавачи на лековитите својства на ваквите растенија, прим. мр Илчо Захариев.
Во врска со истражувањата кои се направени за габровскиот чај Захариев објаснува дека габровскиот чај е полугрмушка со многубројни цветачки разграноци кои достигнуваат до 30 см височина.
Стеблата на растението се четириаголни, до речиси округли. Листовите се прости, кожести, од слабо до силно заострени на врвот. Распоредени се противоположно и се покриени од двете страни со жлезди за етерно масло. Цветовите се со рачки, групирани од 3 – 5. Венчињата се двоусни, од бело до виолетово обоени. Плодот е сув, се распаѓа на четири оревчиња.
Што се однесува до биолошките карактеристики и размножувањето на ова растение габровскиот чај повеќе го има по карпестите делови, а помалку по висорамнината. Достигнува до 1000 метри надморска височина. Цвета во јули – септември, плод раѓа во август – октомври. Се размножува со семиња и вегетативно (преку вкоренување на лазечки, повеќегодишни гранки). Еднократната берба не треба да надминува 70% од популацијата. Повторна берба се препорачува после 3 – 4 години, објаснува Захариев.
Како што вели растението се среќава во Европа во деловите околу Медитеранот.
Во Македонија Габровскиот чај е еден од најпознатите чаеви во Пијанец. Всушност населението од Делчевско го користи многу како секојдневен напиток и лек во зимскиот период. Така наназад со векови. Расте на самата граница меѓу Република Македонија и Бугарија. Расте по карпите на планината Планиница, планина која е почеток на планината Влаина. Во медицината се користи неговиот надземен дел кој медицински е наречен Saturea herba. Габровскиот чај како традиционален чај треба да се заштити. Берачите на чајот заради тешкиот и непристапен терен го откорнуваат, а со тоа го доведуваат опстојувањето на ова драгоцено лековито растение. Берењето е во периодот во текот на цветањето, по убаво, суво и сончево време. Се сечат врвовите на растението по должина од 10-15см. Се става во кошници, не треба да се оштетува и не треба да се откорнува. Се суши исклучиво на сенка и на проветрени места врзан во форма на сноп или во форма на китка и се чува во хартиена амбалажа на суви места една година. Познавачите на билки велат дека со берењето треба рационално да го искористуваме и да го има за идните генерации, но и треба да ги зачуваме неговите природни особини боја, арома, мирис, вкус и лековитост, појаснува Захариев.
Додава дека хемискиот состав на ова растение е предмет на истражување од она што е направено во Република Македонија. Во лабараториите на „Алкалоид“ е докажано дека најважната материја на растението е етерното масло кое го има од 0,5-2%. Етерното масло содржи тимол и карвакрол кои се деривати на фенол и кои претставуваат природни антибиотици. Исто така етерното масло содржи цимен, слободен фенол и други неиспитани материи. Растението е богато со смоли, танини, слузи, содржи малку и флавониди како и сапонозиди. Од хемискиот состав зависи лековитоста.
Во врска со неговата употреба Прим. М-р. Захариев вели дека Габровскиот чај е чај за секојдневна употреба, чај кој традиционално ја зголемува отпорноста на организмот да се бори против тешки болести.
 Го подобрува имунитетот. Болни со хронични проблеми на дишните патишта треба да го користат, бидејќи го смирува воспалението на белите дробови и го олеснува дишењето. Пациенти кои боледуваат од хроничен бронхит, бронхијална астма, емфиземи и пациенти кои прележале бронхопневмонија треба да пијат секој ден чај од ова растение. Габровскиот чај го подобрува варењето на храната, тој е одличен дигестив и помага во лекувањето на проливи кај мали деца и возрасни. До израз доаѓа антибактериското дејство на етерното масло, а истовремено со чајот пациентот се рехидрира. И танините многу помагаат за лекување на проливот. Пациенти кои имаат проблем со синусите треба да инхалираат комбинација од мајчина душица, риген, босилок, маточина и габровски чај. Постапката треба да се повторува 10 дена секоја вечер и кај пациентите доаѓа до големо. Во стоматолошката пракса габровскиот чај помага при воспалени непца и парадентоза. Локално, може да се врши испирање на рани и повредени места со чај или тинктура од габровски чај. Раните брзо заздравуваат, се намалува отокот, црвенилото и крварарењето, вели Захариев.
Додава дека овој чај поради неговата природна лековитост не се ограничува во дози. Од габровскиот чај можеме да направиме во домашни услови чај и тинктура. Чајот се припрема како инфуз, но продавачите на овој чај на пазарот во Делчево ќе ви препорачаат да го вриете 2-3 минути. Чајот се спрема кога во пола литар врела вода се ставаат неколку гранчиња, во принцип не треба да врие, но заради кожестата структура на листовите каде се наоѓа етерното масло потребно е да врие барем една минута, потоа кисне уште 10 минути да добие боја на рум и тогаш треба да се пие. Чајот се пие секојдневно за подобрување на имунитетот и за лекување на градни болести и како секојдневен напиток за освежување. Продавачите на овој чај ќе ви кажат дека е најдобар да се конзумира со јадење ајвар, појаснува.
За подготовката на чајот според Захариев може да се направи и тинктура.
 Се припрема кога на 50г суви иситнети надземни делови се додава 250г разблажен алкохол или ракија, треба да кисне 10 дена на темно место, се меша секој ден 2-3 пати, 11 ден се процедува, лекот е стабилен 2 години. Се користи за третирање на гингивите кога се воспалени, но се користи и надворешно за третман на повреди и рани, додава на крај Прим. М-р Захариев.
Габровскиот чај е еден од најароматичните чаеви кои воопшто растат на територијата на Република Македонија. Може да се користи како зачин, посебно за зачинување на храна која тешко се вари. За да се зачува за идните генерации фармацевтите советуваат тој да не се бере од корен бидејки доколку се бере на тој начин идната година чајот нема да може да се најде на местото каде е набран.
Овие информации за габровскиот чај можат да се најдат и во прирачникот насловен “Разумно искористување на природните еко-ресурси на планините Голак и Влаина, издание на Општина Делчево во кое се опфатени 65 лековити билки кои можат да се најдат во Пијанец, а во кој прирачник познавањата на Захариев се искористени за да бидат објаснети нивните лековити дејства и рецепти за нивно приготвување.