Некои концерти се паметат, а некои – се чувствуваат. Онаму каде што музиката се претвора во спомен, а споменот во вечност, „Бијело дугме“ повторно се случува – овој пат во Скопје.

Некои спомени не бледнеат. Само чекаат повторно да бидат разбудени. Некои песни не стареат. Само добиваат ново значење со секое слушање. А некои бендови… не се враќаат – тие никогаш и не си заминуваат.

Се сеќавате ли на првиот пат кога ја слушнавте „Selma“ на грамофон, кога срцето ви застана на „Pristao sam biću sve što hoće“, или кога цела генерација ја пееше „Ružica si bila“ под тивките светла на матурската вечер? Тоа не беа само песни – тоа беа химни на младоста, плејлиста на првите љубови, на долгите ноќи со радиото крај креветот, на топлите лета поминати со друштвото пред зграда, и на оние писма испишани со сини пенкала на миризлива хартија.

„Бијело дугме“ нè учеше дека емоцијата е погласна од секој рефрен, а гласот на генерацијата звучи најсилно кога е обвиена во љубов, револуција и вистина. Во тие ноти, сè уште се крие мирисот на детството, звукот на првите чекори кон слободата, и тагата што понекогаш знаеше да биде најубавата форма на среќа.

Ве информираме дека на 31 мај 2025 година, легендарниот бенд ќе одржи повеќечасовен концерт во рамки на турнејата „Doživjeti Stotu“, со која одбележуваат 50 години од своето постоење. Концертот ќе се одржи во оригинална постава ,носејќи го својот препознатлив звук, револуционерна енергија и носталгија која ги обединува генерациите.