За наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во потесниот круг се избрани девет романи. Годинава наградата се врачува по 22 пат, а според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција, во петок, на 15 март.
Жири-комисијата за 2020 година, во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Грозданоски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“), во втората селекција, од пристигнати 41 роман, одбра девет романи за оваа престижна награда. Во потесниот избор за наградата „Роман на годината“ влегоа:
- „Лето во кое те нема“, Петар Андоновски, „Или – Или“;
- „Шрапнел“, Игор Анѓелков, „Или – Или“;
- „Суво мастило“, Владимир Илиевски, „Македоника литера“;
- „Скриени желби, немирни патувања“, Владимир Јанковски, „Антолог“;
- „Ши“, Сашо Кокаланов, „Или – Или“;
- „Сфинга на гневот“, Жарко Кујунџиски, „Антолог“;
- „Фантомско стапало“, Блаже Миневски, „Матица македонска“;
- „На враќање“, Фросина Пармаковска, „Или-Или“;
- „Куќа над брановите“, Билјана С. Црвенковска, „Чудна шума“.
Генерален покровител на наградата е „Комерцијална банка“ АД Скопје, а таа изнесува 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Comments are closed for this post.