Средношколците Стефан Стојковиќ и Стефан Дамчевски, освоија бронзени медали на Меѓународната олимпијада по хемија – IchO во Париз. Покрај Стојковиќ кој е ученик од СУГС “Раде Јовчевски Корчагин“ и Дамчевски од ПСУ “Јахја Кемал“ од Струга, во тимот кој беше поддржан од страна на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) беа и Руфија Идризовска од ПСУ „Јахја Ќемал“, Гостивар и Александар Трајковски, од СОУ „Крсте П. Мисирков“, Демир Хисар.
Годинава, на 51-та Меѓународна олимпијада по хемија, што се одржа на крајот на јули, учествуваа 309 ученици од 80 држави од целиот свет, како и 160 ментори, 109 набљудувачи и гости и 273 члена од организацијата.
Два бронзени медала освоија и македонските ученици на Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ) што се одржува годинава од 4 до 11 август во Азербеџајн, Баку.
Македонскиот тим на овој светски годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци е составен од учениците Мартин Динев, Андреј Величковски, Благојче Павлески и Андреј Шеќеров, предводени од лидерите, Бојан Костадинов, извршен директор на Клауд Солушнс и Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, Миле Јованов, се надева дека во иднина свесноста за значењето на овие резултати ќе продолжи да се зголемува во државните институции, приватните компании и медиумите со што, како што напомена, би се зголемила поддршката за задржување и подобрување на успесите на нашите ученици.
Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех се должи на интензивна работа на повеќе волонтери вклучени во работата на Здружението, а можноста за учество на натпреварите ни ја дава поддршката од нашите поддржувачи, Агенцијата за млади и спорт, како и општествено одговорните компании „Нетцетера“, „Грабит“, „Докстим“, „Сорсикс“ и „Семос едукација“, рече Јованов.
ИОИ е интернационален годишен натпревар во програмирање за средношколци што традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои учествуваат над 250.000 ученици.
Годинава на ИОИ учествуваат 327 ученици од 88 земји од целиот свет. Во оваа конкуренција, двата бронзени медала за нашата држава ги освоија Андреј Величковски и Андреј Шеќеров.
Следната Интернационална Олимпијада по Информатика ќе се одржи идната година во Сингапур.
Comments are closed for this post.