Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик е објавен романот „Продавачот на сладолед“ од финската авторка Катри Липсон. Делото ја доби Наградата за литература на Европската Унија во 2013 година, а го преведе Искра Бадева. Објавено е со поддршка на Министерството за култура и Европската Унија со програмата „Креативна Европа“, во рамките на проектот на издавачот „Време е за книга“.
Катри Липсон, по многу истражувања, со голема вештина и неверојатно познавање, создава фикција и љубовни стории во чија заднина се бурните настани во Чехословачка во четириесеттите години од 20. век и подоцна.
Барајќи спас во виорот на Втората светска војна, Естер тргнува со непознатиот маж Томаш, како негова сопруга, барајќи мирно место во провинцијата. Нивното патешествие го снима режисер, кој што сака да го имитира реалниот живот создавајќи филм без претходно напишано сценарио, филм во кој актерите ја учат приказната и своите улоги движејќи се за време на снимањето.
На овие настани се надоврзува судбината на Јан, синот на Естер, кој што е студент во Прага и кој што е потресен од самозапалувањето на студентот Јан Палах, за време на советската воена интервенција во Чехословачка, во 1968 година. Разочаран, тој бега во Шведска, каде што се жени во еден поинаков, западен и декадентен свет.
По дваесет години, пак, нивната ќерка Гунила, се враќа во родниот град на таткото Јан, во независната држава Чешка, за да се открие себе си. Судбината на измислените херои станува повистинска од самиот живот. Нишките на историските и личните судбини се преплетуваат.
Авторката Катри Липсон (1969) е родена во Хелсинки. Завршила медицина во Шведска во 1993 година и како лекар почнала да работи во Африка. Нејзиниот прв роман, „Космонаут“, објавен во 2008 година ја добил највисоката книжевна награда во Финска. „Продавачот на сладолед“ е нејзин втор роман и ја доби престижната европска книжевна награда во 2013 година.
Comments are closed for this post.