Подземниот град Аванос, за кој се претпоставува дека е стар 5.000 години, во иднина би можел да стане една од најпопуларните туристички дестинации во Невшехир, Турција.

Влезот во подземниот град беше затворен пред 25 години со одлука на локалните власти поради стравување дека децата кои доаѓаат тука да си играат, може да исчезнат. Неодамна овој простор повторно е отворен.

Во делот на подземниот град откриен досега, пронајдени се простории за престој на луѓе, тунели… Исто така, пронајдени се и статуи во форма на човек.

Подземниот град е оддалечен околу 80 километри од подземните градови Деринкују и Кајмакли.

Градоначалникот на општина Чалиш, Ќазим Јилмаз, за Анадолија изјави дека според описите на оние кои доаѓале тука пред да биде затворен пред 25 години, станува збор за масивен простор покриен со вода.

Јилмаз вели дека општинските власти немаат доволно средства за чистење на овој простор и дека ќе се обратат кон повисоките органи за помош.

– Нашите предци го откриле ова место. Може да се видат различни простории, мали делови, кои, кога ќе ги погледнеме, изгледаат како простории во кои се живеело. Археолозите кои работеа на истражувањето сметаат дека станува збор за историја која се врзува за период од три илјади години пред новата ера. Треба да се направат технички анализи, за да имаме повеќе податоци, рече Јилмаз.

Тој додаде дека ќе се побара помош од Министерството за култура и туризам ова место да биде отворено за туристички посети.

– Ова е национално богатство. Сакаме туристите кои ќе дојдат во Кападокија, да го видат и подземниот град, рече Јилмаз.

Еден од жителите на подрачјето е и Аладин Сариташ, кој рече дека пред околу 20 години дошла една туѓинка и рекла дека тука се наоѓа Цезаровиот амам и оти собира информации за лековитите води.

– Доаѓаа и други луѓе со мапи. Зборуваа за некој подземен простор. Подобро од нас знаеја за што се работи. Потоа, доаѓаа во уште поголем број, сите зборуваа за лековити води, додаде Сариташ.